Столтенберг: Ние ве очекуваме, ваше е да решите дали ќе бидете 30. членка на НАТО

Го ценам партнерството со вашата земја. За неколку недели ќе имате референдум на кој ќе одлучите дали ќе се приклучите на меѓународната заедница. Останува на граѓаните да одлучат, ние сме подготвени да ве пречекаме како 30. членка на Алијансата, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференцијата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска по показната вежба на  Полкот за специјални операции во касарната во „Илинден“.

Потсети дека во јули сите 29 сојузници се согласиле да ја прифатат Македонија како 30. членка на Алијансата.

– Вашата земја има добро обучени војници кои се подготвени да учествуваат во тешки операции. Припадниците на армијата на вашата земја учествуваат во мисиите предводени од НАТО во Авганистан и во Ирак и на други места, што покажува дека имате армија која е способна да придонесува во меѓународната безбедност, рече Столтенберг.

Шекеринска од своја страна посочи дека досега 4.000 припадници на АРМ учествувале во разни мисии на НАТО во изминатите години.

– За нас ова е партнертство на кое можеме да се потпреме, кога ни требаше помош НАТО беше тука за нас, рече Шекеринска.

Истакна дека секој припадник на АРМ кој во изминатиот период учествуваше во разни мисии, беше аргумент плус во полза на нашето членство во НАТО.

– Сакам да им оддадам признание на сите припадници на АРМ, тие беа постојан тивок дипломат за нашето членство во НАТО, додаде министерката за одбрана.