За претстојниот референдум и прилината за посетите на Македонија на неколку видни европски премиери и дипломати, за патот кон ЕУ и НАТО, а посебно за „домашните задачи“ што стојат пред нас на тој пат, во кусо интервју за МИА говори австриската амбасадорка во нашата земја Ренате Коблер.
Ваша екселенцијо, Австрија е членка на Европската унија од 1995 година. Македонија, пак, би рекле, e пред вратите на Унијата со препорака, но и со „домашни задачи“ што треба да ги заврши. Според искуството, која е формулата да се биде членка на Унијата?
-Точно, од 1995 година мојата земја е членка на Европската Унија. Оттогаш многу работи се подобрени. Ова е веќе трет пат како Австрија е претседавач со Унијата. Вашата земја одлично се движи во таа насока и никогаш не сте биле поблиску до Европската Унија. Извештајот со препораките на Комисијата во април беше позитивен. Советот на министри во јуни, исто така, даде позитивен сигнал. Можам да кажам дека соработката со соседните земји е многу подобрена, особено со потпишувањето на договорот со Грција, а подобрена е соработката и со Бугарија.
Конкретно условите што ги доби Македонија се реформите во судството и искоренувањето на корупцијата… Како и оди тоа на Македонија? Ваша оценка!
– Сега следниот чекор е референдумот. Мислам дека македонските граѓани го заслужуваат наредниот чекор до Европската Унија. Во голема мера, Македонија сега ја има најголемата поддршка. Еве стигнува генералниот секретар на НАТО, в петок доаѓа канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, в сабота германскиот канцелар Ангела Меркел. Тоа значи дека сета поддршка оди рака под рака со сите реформи што треба да се направат. Има многу полиња што треба да се опфатат со реформите: тука се, пред се, судството, образованието, и земјоделството, кои се опфатени со извештајот од Комисијата. Токму тие реформи ќе го подобрат стандардот на живеење во земјава и веќе, кога ќе бидете членка на Европската Унија, тоа ќе биде прифатлив стандард за сите. И без разлика кога ќе станете членка на Европската Унија, со ваквите реформи земјата ќе може да ги почувствува тие бенефиции и придобивки од самиот процес.
Каков е вашиот оптимизам?
– Јас сум голем оптимист. Тука сум од 2015 година. Запознав многу луѓе. Вие сте прекрасни. Имам видено позитивни процеси и знам дека ќе ги постигнете сите работи.
Вашите очекувања?
Не само што очекувам, туку и повеќе – се надевам дека луѓето ќе го направат следниот чекор во натамошната демократизација на земјава со успешните реформи.