– Родољубски и татковински, онака како што борците на НОБ ја извојувале слободата и независноста на државата така и ние денеска ја осигуруваме нејзината иднина и перспективност“ е пораката со којашто Претседателот на Владата на Република Македонија и претседател на СДСМ, Зоран Заев им се обрати на присутните пензионери и борци од НОБ од општина Карпош со кои тој денеска се сретна и разговараше за важноста на големата историска одлука пред којашто се исправени граѓаните на Република Македонија.
Во името на борците на НОБ се обрати Наум Буревски кој ја испрати пораката дека заветот што им е оставен на сегашните генерации е Македонија конечно да тргне на правиот пат и сега е приликата да ги исполниме тој наш завет.
Премиерот Заев рече дека македонскиот народ во клучни историски моменти секогаш покажал државотворност и голема мудрост при носењето на важните одлуки за иднината на државата и тоа ќе го потврди и на 30 септември.
„Вредно е ова што го правиме. Обезбедуваме иднина за нашите деца и внуци. Затоа важно е да излеземе сите и да одлучиме за доброто на државата. Разговарајте со вашите роднини, комшии и пријатели, споделете ги пораките, спротивставете ги аргументите, кажете им дека е одговорно и важно да се излезе и гласа на референдумот бидејќи одлучуваме Македонија по кој пат ќе продолжи да се движи.“ порача премиерот Заев.
Зборувајќи за придобивките од членството на нашата земја во ЕУ и НАТО, премиерот Заев рече дека материјалната финансиска поддршка којашто земјата ја добива од ЕУ и НАТО ќе расте и во таа насока тој додаде дека годишно преку европските фондови Македонија добива 90 милиони евра, односно 260.000 евра дневно.
„Ќе бидеме триесетта земја членка на најмоќниот сојуз во светот и ќе одлучуваме заедно со нив. Ќе обезбедиме траен мир и стабилност за нашата земја и ќе партиципираме во обезбедување на светскиот мир.“ истакна премиерот Заев.
По завршувањето на средбата со пензионерите и претставниците на борците од НОБ, премиерот и претседател на СДСМ подели информативни материјали на карпошани и ги повика масовно да излезат и гласаат на 30-ти септември.