Седумдесет милиони евра од Светска банка за капитални проекти во патна инфраструктура

За реконструкција и изградба на локални патишта ќе се инвестираат околу 70 милиони евра, кои ќе се обезбедат преку Светска банка, најави денеска министерот за финансии Драган Тевдовски на потпишувањето на договорите за финансирање на општинска инфраструктура преку Проектот за подобрување на општинските услуги.

– Станува збор за средства од четиригодишната стратегија за соработка со Светска банка, кои сметаме дека најдобро ќе се искористат ако се вложи во локална инфраструктура. Сметаме дека е потребно овие средства да се вложат во локални патишта, кои се потребни низ цела земја. Тие ќе ги подобрат услугите кон граѓаните, а водено и ќе ја придвижат економијата. Ова е значајна сума на средства, рече Тевдовски.

Според него, тоа е сериозна сума што ќе се распредели низ цела Македонија за значајни капитални инвестиции во нешто што е навистина потребно, а тоа е патна инфраструктура.

На вчерашната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од подобрување на состојбата на општинската патна мрежа. Владата го задолжи Министерството за финансии да обезбеди средства од Светска банка за реализација на овој проект, додека Министерството за транспорт и врски ќе го спроведе истиот.