Говорот на омраза во медиумите мора да се превенира и санкционира, порачуваат регулаторите

Говорот на омраза во медиумите и начините како да се превенира и санционира оваа појава е она за што денеска во Скопје разговараа директорот на македонската Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски и неговиот хрватски колега Јосип Поповац.

Според Трајчевски, во Македонија говорот на омраза е застапен во помал обем, но сепак е проблем за кој треба да се најде решение како да се надмине.

–  Иако Агенцијата  за медиуми во Македонија има постигнато значителен напредок во повеќе области, сепак размената на искуства од едно регулаторно тело на земја членка на ЕУ е секогаш добредојдено, посебно размената на искуства во делот на санкционирање на говорот на омраза којшто го регистрираме во помал обем во медумите кај нас, но сепак е горлив проблем. Бараме решение како оваа состојба да биде надмината и како Агенцијата за медиуми да добие поголеми надлежности во делот на санкционирање и ширење на говорот на омраза преку телевизиите и радијата, рече Трајчевски на прес-конференција.

Во Хрватска постојат построги законски решенија кои одат дури дотаму што Агенцијата има изречено привремена забрана за емитување на програми.

– Кај нас во подготовка е нов закон за електронски медиуми и доста ригорозно е одреден говорот на омраза. Но, она што беше проблем и кај регулаторот и кај медиумите е тоа како да се разликуваат говорот на омраза и говорот од омраза, појасни Поповац.

За него, важна е превенцијата, односно сите оние кои работат во медиумите да бидат доволно информирани каде е границата која не смее да се надмине.

– Не треба да имаме илузија дека говорот на омраза целосно ќе исчезне, но како регулатори мораме да инсистираме тоа да биде ретко и санкционирано. Со помош на целата јавност и медиумите, ако бидеме доволно информирани за тоа каде е границата која не смее да се надмине, мислам дека ќе успееме, вели Поповац.

Посетата на хрватската делегација се поклопува со 21-годишнината од основањето на македонската Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која е најстарото регулаторно тело на Балканот.