Алтунташ: Членството во НАТО значително ќе ја подобри бизнис климата во Македонија

Ви посакувам успешен референдум кој понатаму би продонел за полноправно членство во НАТО, кое значително ќе ја подобри бизнис климата и ќе придонесе за зголемување на инвестициите во Македонија, порача претседателот на светската асоцијација на „бизнис ангели“ д-р Бајбарс Алтунташ, на денешната средба со министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија проф. д-р Зоран Шапуриќ.

На средбата, Шапуриќ го информирал Алтунташ за дејствијата кои ги презема Владата, со цел изготвување и донесување на нова регулатива која ќе ја уредува постапката за инвестирање во моделот на ,,бизнис ангели“, како и за предлог-измените на веќе постоечките позитивни законски прописи во Македонија.

Алтунташ, на средбата, ги навел активностите кои ги спроведува Асоцијацијата на „бизнис ангели“, особено на Западен Балкан, истакнувајќи дека Асоцијацијата има сериозна намера, по донесување на регулативата за инвестирање по моделот на „бизнис ангели“, да биде отворена регионална канцеларија на „бизнис ангели“ во Скопје.