Отворено писмо за преговорите меѓу Србија и Косово

Браќа и сестри Македонци,

Во овој чувствителен период за Татковината ќе се користат сите методи со кои немакедонската Влада ќе се обиде со наведување да обезбеди цензус на претстојниот референдум. Ќе шират неоснован страв и паника дека ако не успее референдумот ќе се распадне Државата. За таа цел ќе ги злоупотребуваат преговорите меѓу Србија и Косово и наводната опасност од прекројување на границите во кои Македонија според нив ќе била жртва доколку не биде до крај спроведено велепредавството на Заев, Димитров и Шекеринска. Македонската нација не смее да дозволи овие подмолни обиди да бидат успешни. Одбраната на светото Македонско име и идентитет е наше суверено демократско право и нема и не може да има никаква врска со решението за Косово. Преговорите меѓу Србија и Косово се одвиваат за решавање на нивните билатерални односи. Секој нивен евентуален Договор ќе биде верификуван од меѓународната заедница која ќе гарантира дека нема да има никакви импликации кон трети земји. Во спротивно НЕМА да има решение за Косово. Македонија веќе 27 години е независна, самостојна и суверена Држава која успешно ги менаџира односите со сите членки на поранешната Југославија. Немакедонската Влада заслепена и уценета по секоја цена да го истурка кукавичкиот Договор Заев – Ципрас ги става во залог и меѓуетничките односи. Си игра со оган! Нашите сограѓани Албанци се свесни дека Македонија е и нивна Татковина. Нема да дозволат никој од нив да прави страшило со кое ќе го плашат Македонскиот народ за да прифати да се самоукине и ги избрише историските корени. Сеењето страв и ширењето заблуди не поминува!

Македонскиот народ НЕМА да го смени името на својата Татковина и јасно ќе им порача на сите злобници кои сакаат да ја разнебитат Македонија дека нивното предавничко сценарио не поминува. Тешката Македонска историја не научила дека секое попуштање пред надворешните притисоци и влијанија е демонстрирање на внатрешна слабост која нашите душмани ќе ја искористат. Како народ сме поминале низ многу тешки историски премрежја, сме опстанале, сме станале посилни и пожилави. Обидите за ширење страв и паника секогаш го буделе гневот и инаетот кај Македонецот. Така ќе биде и овој пат. Македонскиот народ точно знае со кого и со што има работа. Сеењето на страв и создавање на искривена вистина е класичен пример за тоа како владее една изродничка и ненародна власт.  Само уплашена власт посегнува по вакви очајнички чекори. Да не дозволиме перфидната кампања на Заев, Димитров и Шекеринска да пушта корени. Секој од нас има патриотска должност да ја шири и пренесува вистината до последната Македонска клетка. Само сплотени еден до друг и искрени пред Бога можеме да го зачуваме нашето најсвето, а тоа е името на нашата држава.

Браќа и сестри Македонци, не се плашете, треба да издржиме до Нова година, а после тоа патиштата ќе ни бидат отворени и Ве уверувам дека Македонија ќе си го зачува Уставното име. Не се предавајте! Ние сме биле и ќе останеме Македонци! Тоа е наше меѓународно право и на секој треба тоа да му биде јасно. Ние туѓо не бараме, но, тоа што нас ни припаѓа не го даваме.

ДА ЈА ЗАЧУВАМЕ ТАТКОВИНАТА! ДА СЕ СПЛОТИМЕ! ДА НЕ ДОЗВОЛИМЕ ДА НИ ЈА ЗЕМАТ МАКЕДОНИЈА!                          

 

Ѓорѓија Џорџ Атанасоски

Претседател,

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА