Собраниските активности во пресрет на јавната пропаганда за референдумот, надлежностите на Собранието во извршувањето на уставно пропишана надзорна функција и законската регулатива во безбедносниот сектор, со што ќе се обезбеди квалитетен и демократски парламентарен надзор, како и за реформските процеси за забрзана интеграција на државата во НАТО и ЕУ, биле темите за кои се интересирале американските конгресмени на денешната средба со претседателот на Парламентот Талат Џафери, потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.
Како што соопшти собраниската прес-служба, претседателот на Собранието Талат Џафери, ги запозна соговорниците со постојните активности во Собранието, со работата на пратениците во делот на реформските закони, особено во сегментот одбрана и разузнавање, како и со активностите и обврските на Собранието и пратениците во јавната пропаганда во пресрет на референдумот. Притоа, Џафери истакнал дека и понатаму постои широк политички консензус за евроатлантската иднина на Република Македонија и изрази очекување дека сите пратеници ќе го препознаат моментумот и ќе дадат силна поддршка на овие процеси, пред се имајќи ги предвид интересите на сите граѓани на Република Македонија.
Во делегацијата од САД се американските конгресмени Бил Флорес, Дејвид Прајс, Дина Титус, Гери Коноли и Сузан Дејвис.
Конгресмените, како што се посочува во соопштението, го истакнале задоволството од несомнениот напредок на државата на планот на евроатлантските интеграции и зацврстување на демократијата, особено по потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција, при што истакнале дека САД и понатаму ќе даваат безрезервна поддршка на Република Македонија во овие процеси. Конгресмените потенцирале дека САД особено го вреднуваат реалниот придонес на Република Македонија во мировните мисии на НАТО, каде Република Македонија се цени како мошне квалитетен и почитуван партнер.
Според соопштението, конгресмените истакнале дека и Конгресот на САД позитивно ја евалуира ситуацијата во Република Македонија и е отворен и за конкретна соработка и стручна помош на своите колеги во Собранието на Република Македонија.
На средбата покрај Џафери присуствуваа и потпретседателите на Собранието Фросина Ташевска-Ременски, Горан Мисовски и Весел Мемеди, коориднаторите на пратеничките групи Томислав Тунтев од СДСМ, Ејуп Аљими од ДУИ, Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ,Теута Биљали од крилото на Беса на Билал Касами, Африм Гаши од Беса и Сурија Рашиди од Алијанса на Албанците, како и генералната секретарка на Собранието Цветанка Иванова.