Димитров во Вашингтон на средби со сенатори и експерти од невладини организации

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во рамки на работната посета на САД оствари средби во американскиот Сенат и со повеќе експерти, професори и истражувачи од невладината заедница во Вашингтон.

Како што информираат од МНР, на средбите со претседавачот на Комитетот за надворешни односи во Сенатот на САД, сенаторот Боб Коркер и со претседавачот на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна соработка на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, сенаторот Рон Џонсон, беше реафирмирана важноста на македонско-американското партнерство и сојузништво, и значењето на натамошната поддршка на САД на евро-атлантската иднина на Република Македонија.

 

– Министерот Димитров се заблагодари за досегашната поддршка на американските сенатори и го истакна очекувањето за натамошна клучна улога на САД, а особено на американскиот Сенат, до очекуваното зачленување на Република Македонија во НАТО. Сенаторите ја поздравија храброста и одлучноста на Република Македонија во решавањето на спорот околу името, и истакнаа дека Вашингтон со задоволство ја дочека Спогодбата меѓу Република Македонија и Грција. Нагласија дека Македонија е светлата точка на Балканот, која има целосна двопартиска поддршка на патот кон НАТО во Сенатот, и САД ќе продолжат и натаму со несмалено темпо да работат на исполнување на евро-атлантската иднина на државата, соопшти МНР.

На одделните средби со претставници од Фондацијата Херитиџ, Школата за напредни меѓународни студии при универзитетот Џонс Хопкинс и на Германскиот Маршалов Фонд на САД, се разговараше за актуелностите во процесот на зачленување на Република Македонија во НАТО и ЕУ, и клучните постигнувања на надворешно-политички план, со посебен акцент на Спогодбата со Грција.

– Како долгогодишен поддржувач и промотор на членството на Република Македонија во НАТО, Лук Кофи истакна дека фондацијата Херитиџ ќе продолжи и натаму да придонесува кон оваа цел, бидејќи тоа е во интерес на Република Македонија, регионот и на САД. Кофи нагласи дека членството во НАТО, покрај стабилност, носи и странски инвестиции, а тоа ја помага економијата и отвора нови работни места, се вели во соопштението од МНР.

Мајкл Халцел, Даниел Сервер и Едвард Џозеф од Школата за напредни меѓународни студии при универзитетот Џонс Хопкинс, се додава, го поздравија потпишувањето на Спогодбата со Грција и ја посочија Македонија како редок позитивен и успешен пример на Балканот на решавање на отворени прашања. Истакнаа дека Република Македонија се наоѓа во многу значаен момент за нејзината европска и евро-атлантска иднина и повикаа на мудрост и одговорност на сите во земјата, изразувајќи надеж дека Македонија ќе го заокружи овој важен и предолг процес и ќе ја осигура нејзината стабилност, безбедност и натамошен развој.

Вечерва по македонско време, министерот Димитров ќе се сретне со државниот секретар на САД, Мајкл Помпео.