Владата со промотивна и информативна кампања за референдумот

Владата најави промотивна и информативна кампања во пресрет на референдумот на 30 септември за прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?”.

Одлуката за кампањата за споделување информации од јавен интерес за граѓаните/гласачите во Република Македонија, околу содржината на Договорот со Грција, придобивките од интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ и планот по кој земјата ќе се движи кон Алијансата и кон Унијата, Владата ја донесе на вчерашната 83-та седница.

Владиниот советник за евро-атлантски интеграции Бојан Маричиќ, најави дека по завршување на летните одмори кампањата ќе биде интензивирана и ќе се користат сите достапни методи, во согласност со Законот за референдум и дефинираниот јавен интерес.

–  Убедувањето на граѓаните ќе биде пред се дека мора да излезат и да гласаат затоа што е ова граѓански глас. Референдумот е врвно демократско право и сите оние, кои што, се заинтересирани за решавање на македонско-грчкиот спор и за иднината на Македонија во ЕУ и НАТО треба да излезат и да гласаат, изјави Маричиќ.

Кампањата, како што информираа од владината прес-служба, ќе се води согласно стандардите за јавни коминукации од интерес на јавноста и тоа релевантност, објективно и информативно комуницирање, непартиски комуникации, како и пропорционалност и рационалност.

Министерства и другите органи на државната управа, од Владата вчера беа задолжени, во рок од три дена до Министерството за финансии да достават информација за средствата коишто ги имаат на располагање, а кои би можеле да се пренаменат за кампањата за референдумот.