Фаркаш: Договорот го отвора патот кон НАТО и ЕУ и е одговор против „путинизмот“

Евелин Фаркаш,  поранешна заменичка на помошникот секретар за одбрана на САД задолжена за Европа и Азија во администрацијата на Барак Обама, одговорна и за политиката на САД кон Балканот, на дебатата по повод 17 години од Охридскиот рамковен договор рече дека денешното одбележување е потсетник колку Македонија и воопшто регионот имаат постигнато во изминатите две децении.

Фаркаш рече дека лидерите тогаш сфатиле дека во едно демократско општество мора да се споделува и еве сега по 17 години, Македонија е на вториот чекор со тоа што со потпишувањето на Договорот меѓу Македонија и Грција, лидерите храбро постигнаа одлука за добар договор што ги отвора вратите кон ЕУ и НАТО.

Оцени дека лидерите на Македонија и Грција кажаа „да“ за просперитена иднината и со тоа го поддржаа мирот и стабилноста на Балканот. Таа им порача на граѓаните да кажат „да“ на претстојниот референдум.

Фаркаш истакна и дека договорот меѓу Македонија и Грција е одговор и против Путин и „путинизмот“. Според неа, Македонија и Грција треба да решат што е добро за нив, а не Кремљ.

Евентуалниот неуспех на референдумот во Македонија, посочи Фаркаш,  ќе биде на штета на демократијата и владеењето на правото во Македонија.

Поранешниот генерал на британската армија и поранешен командант на НАТО во Македонија за време на потпишувањето на договорот сер Берни Вајт Стунер рече дека потпишувањето на Охридскиот договор бил огромен успех  што придонело да се одбегне не само граѓанска војна, туку и земјата да се интегрира во европските институции.

Тој ги посочи поранешниот претседател Борис Трајковски и лидерот на ДУИ Али Ахмети дека се заслужни за огромниот успех за потпишување на Охридскиот договор.

Посочи дека стабилна Македонија е од витално значење  не само за земјите од Западен Балакн, туку и за иднината на Европа.

Во однос на претстојниот референдум рече дека успешниот референдум ќе ја осигура иднината на идните генерации, а меѓу другото и ќе осигура дека она што се случи во 2001 година нема да се повтори.