„Stars and Stripes”: Американската армија „Криволак“ го гледа како полигон за големи вежби

Повеќе од 1.000 војници на Копнените сили на САД во Европа и на АРМ, идната година на армискиот полигон „Криволак“ ќе ја одржат воена вежба „Одлучен удар 2019“, објави армискиот сајт „Stars and Stripes”.

Од АРМ соопштија дека некои од поважните аспекти на тренингот ќе вклучат и квалификација на војниците на САД за користење на оружје од мал калибар, против-тенковско оружје, и друго пешадиско оружје, како и квалификација за автоматската пушка М240Н, стандард на оружје кое вообичаено се користи во повеќето армии на членките на НАТО. Вежбата ќе биде обезбедена со воздушно-амбулантен тим и друга опрема за итни ситуации.

Од 1 август на „Кривилак“ веќе вежбаат 200 војници од мировните сили на САД во Косово кои до 20 август своите способности ќе ги проверат единиците од 3. сквадрон, 61. коњанички полк, 1ва бригада, 4. пешадиска дивизија, (3-61 коњанички полк) од форт Карсон, Колорадо и 3 батаљон, 126 авијациски полк, од Армиската национална гарда стационирана во Бостон и Масечусетс.

Од армискиот сајт посочуваат дека полигонот „Криволак“, што е со површина од околу 200 квадратни километри, нуди слични можности за обука како што е „Графенуер“ во Германија, но, според нив, полигонот во Македонија им е на тричасовно возење од Косово, и им овозможува одлични вежбовни услови. Командантот на мултинационалните сили за безбедност во источно Косово, полковник Ник Дучиќ, пак, вели дека блискоста на „Криволак“ со Косово ќе им овозможи на војниците брзо да се вратат на своите работни места, доколку дојде до вонредна состојба

Според заменик-шефот на Канцеларијата за одбранбена соработка во Амбасадата на САД во Скопје, Патрик Енрикез, армискиот полигон во Македонија, што е изграден пред 70 години и што го користела југословенската војска за обука за оружје со висок калибар и вежби за воздушни напади, нуди одлична можност за вежби на сојузничките војски.

– Армијата на САД секогаш бара места за обука, истакнува Енрикез и додава дека тие на Криволак гледаат како на алтернатива, а во одредени ситуации и како на решение.