Во Крушево завршува манифестацијата „10 дена Крушевска Република“

 Со спуштањето на бајракот и почесна стрелба за хеороите на Илинден и Крушевската Република, вечер на Гумење во Крушево ќе завршат годинашните 51. Научно-културни средби  „10 дена Крушевска Република“.

Од отворањето на 1 август, до денес, манифестацијата која беше во знакот на 115-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република и 40-годишнината од Илинденскиот марш,  понуди бројни настани, меѓу кои пречек на коњаниците од Илинденскиот марш, оддавање почит на хероите од Илинден и од Крушевската Република, чествување на празникот- 2 август, понуди театарски престави, културни и музички случувања кои го привлекоа вниманието на домашните и бројните странски гости и туристи во Крушево.

Во рамките на манифестација се одржаа и унгарска вечер, чествување за Власите и влашката култура, шампионат на Македонија на ридски патеки, концерти со класична и староградска музика, а посебно го привлече вниманието синоќешниот концерт на Влатко Стефановски во градскиот парк во Крушево.

Според крушевскиот градоначалник и претседател на Советот на Научно-културните средби „10 дена Крушевска Републик“, манифестацијата и годинава ја исполни целта.

– Главната цел на манифестацијата е да ги зачува традициите, придобивките и фактите за едни од најзначајните настани во историјата на македонскиот народ и сите заедници што живеат во Македонија – Илинденското востание и сите настани врзани за Востанието и Крушевската Република. Воедно, да укаже на заедништвото, културното сплотување и зближувањето. Сите овие денови имавме многу гости од земјава и речиси од цел свет, а Крушево има што да им понуди – историја,  гостопримство, гастрономски специјалитети, природа и можности за развој на алтернативниот туризам, вели Христоски.

На вечерашното затворање кое почнува од 20.30 часот концерт ќе одржи Здружението на џез-музичари.