Уште еден висок претставник на НАТО во посета на земјава, откако на Самитот во Брисел во јули доби покана за членство со порака за поддршка на напорите Македонија да стане 30.членка на Алијансата.
Во Македонија вчера престојуваше командантот на Командата на американските сили во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа, генерал Куртис Скапароти, откако во Скопје кон крајот на минатиот месец беше директорот за европски и глобални прашања на Алијансата, Џејмс МекКи, со што беше означен почетокот на пристапните разговори.
Македонија преку долгогодишното партнерство со НАТО постигна значителен напредок во одбранбените реформи и воената интероперативност со сојузниците, порача вчера Скапароти и ја пренесе поддршката на Алијансата во однос на заложбите на земјава во однос на владеење на правото, сигурност и безбедност во регионот како и посветеноста на демократијата.
– Вашата континуирана поддршка е важна не само за Западен Балкан, туку за цела Европа. Со нетрпение очекувам да станете 30 членка на НАТО, порача Скапароти и нагласи дека исто така очекува НАТО да ја даде и практичната поддршка на нашите воени авторитети во процесот на пристапување.
Неговата домаќинка, министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека посетата покажува колку работите во Македонија се менуваат по единаесетти јули кога ја добивме поканата за НАТО. Според неа во овој момент е важно оваа две и пол децениска определба на граѓаните на Република Македонија за членство во НАТО да ја потврдиме и обезбедиме, нагласувајќи дека еден од тие клучните чекори ќе биде референдумот на 30 септември.
– На референдумот очекуваме граѓаните да го препознаат својот интерес, интересот на Република Македонија, интересот на државата и идните генерации и да гласаат позитивно. Изборот е јасен, иднина или изолација, членство во НАТО и ЕУ или уште една изгубена деценија, изјави Шекеринска.
Скапароти вчера се сретна и со премиерот Зоран Заев. Двајцата соговорници заклучија дека членството во НАТО овозможува перспективна иднина за Македонија – тоа ќе има огромни позитивни ефекти за безбедноста и просперитетот и на поширокиот регион.
Генерал Скапароти, кој претходно со делегација на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, предводена од Шекеринска во касарната „Илинден“ присуствуваше на показна вежба, упати пофални зборови за припадниците на АРМ, оценувајќи дека покажале голема подготвеност и дисциплина соодветна на НАТО стандардите и процедурите.
Заев,потенцира дека посетата на високиот претставник на НАТО и поддршката која тој ја пренесува е посебна мотивација за македонските граѓани и за институциите на претстојниот референдум да ја покажат одлучноста за продолжување по патот кој обезбедува полноправно членство во ЕУ и НАТО.