Договорот од Преспа за името заслужува широка општествена и политичка поддршка. Жално е што опозицијата и Претседателот не го видоа значењето на договорот и го користат за политички поени, вели во интервју за МИА, Флориjан Бибер, експерт за Балканот и професор на Универзитетот во Грац.
– Ваков договор во идеална смисла би требало да има широка општествена и политичка поддршка. Жално е што опозицијата и Претседателот не го видоа значењето на договорот и го користат за добивање политички поени. Идејата за бојкот на референдумот е исто така евтин потег, бидејќи нема цел да ја провери поддршката кај населението, туку само да го саботира договорот. Опозицијата во Црна Гора многу позрело настапи кога го поддржа референдумот за независност и не повика на бојкот, вели Бибер запрашан дали политичката поделеност во земјата може да предизвика нестабилност и компромитирање на договорот и референдумот.
Во однос на бројни обвинувања за руско мешање на Балканот и за обиди за поткопување на договорот меѓу Македонија и Грција, Бибер вели дека Русија веќе некое време работи на создавање пречки во регионот за да го спречи проширувањето на НАТО и ЕУ. Според него, најдобриот начин да ѝ се спротиставиме на ваквата деструктивна политика е да се понуди позитивна алтернатива и да се покаже како функционира руската анти-НАТО и анти-ЕУ политиката и како самонаречените патриотски групи и медиуми всушност соработуваат со Москва и промовираат нестабилност.
Запрашан што доколку грчкиот премиер биде принуден да поднесе оставка, по засилените критики поради пожарите, и како ќе се одрази тоа на конечната имплементација на договорот, Бибер оценува дека во случај на оставка на Ципрас, последиците по секоја идна влада во Грција би биле огромни ако сака да се повлече од договорот. Според него, Македонија стекна голем политички капитал ширум Европа поради добрата волја што ја покажа во преговорите за спорото за името ѝ сега е клучно за процесот на имплементација да помине референдумот и уставните амандмани во Македонија.
Очекува поддршка од меѓународната заедница, ЕУ и од НАТО за референдумот преку истакнување на придобивките од договорот, но дециден е дека владите во двете земји се тие кои треба да ја убедат јавноста зошто треба да го поддржи договорот. ЕУ и Алијансата тоа веќе го направија, вели, со давање датум за почеток на преговорите, односно со поканата за членство.
Во продолжение е целосното интервји на Флоријан Бибер за МИА.
Договорот од Преспа за спорот за името го помина собранискиот филтер во Македонија, но без поддршка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Против договорот е и претседателот Ѓорге Иванов. Чекор кој претстои во имплементација на Договорот е референдумот. Може ли политичката поделеност да предизвика нестабилност и компромитирање на договорот и на референдумот?
– Ваков договор во идеална смисла би требало да има широка општествена и политичка поддршка. Жално е што опозицијата и Претседателот не го видоа значењето на договорот и го користат за добивање политички поени. Идејата за бојкот на референдумот е исто така евтин потег, бидејќи нема цел да ја провери поддршката кај населението, туку само да го саботира договорот. Опозицијата во Црна Гора многу позрело настапи кога го поддржа референдумот за независност и не повика на бојкот.
Русија јасно кажува дека е против ширење на НАТО, а во тој контекст и на приемот на Македонија. Има бројни обвинувања за руско мешање на Балканот и за обиди за поткопување на договорот меѓу Македонија и Грција. Колку се реални тие руски закани и како да се спречат?
– Русија веќе некое време е расипувач на работите, барајќи начини да создава пречки во регионот за да го спречи проширувањето на НАТО и ЕУ. Во суштина, тие немаат да понудат позитивна визија и ги интересира само деструктивна политика за регионот. Поддржуваат партии и групи кои опортунистички работат во таа насока. Најдобриот начин да ѝ се спротистави на ваквата деструктивна политика е прво да се понуди позитивна алтернатива. Јасно е дека повеќето граѓани сакаат да живеат подобро, сакаат да се намали корупцијата, и сакаат стабилни и предвидливи институции. Ништо од ова Русија не нуди. Второ, треба да се покаже како функционира анти-НАТО и анти-ЕУ политиката на Русија и како самонаречените патриотски групи и медиуми всушност соработуваат со Русија и промовираат нестабилност.
Грчкиот премиер Ципрас соочен со состојбите во земјата изјави дека ја презема политичката одговорност за последиците од пожарите во Атика. Што ако Ципрас биде принуден да поднесе оставка, како ќе се одрази тоа на конечната имплементација на Договорот?
– Клучно е да помине референдумот и уставните амандмани во Македонија. Ако ова се постигне, ќе биде многу тешко за кој било иден грчки премиер да се повлече од договорот. Идеално, сегашната грчка влада ќе ја надгледува целокупната имплементација на договорот. Иако, опозициските партии досега се колебаа за да го поддржат договорот, нема да имаат интерес да се повлечат, бидејќи последиците би биле огромни. Добрата волја на Македонија што ја покажа во преговорите ѝ донесе голем политички капитал ширум Европа. Ако ги прашате западните дипломати, впечатокот за Македонија им е сменет за 180 степени за само една година.
Очекувате ли засилен меѓународен анагажаман за поддршка на референдумот и за убедување на јавноста во Македонија и во Грција за придобивките од Договорот од Преспа?
– Убеден сум дека ЕУ и НАТО ќе помогнат да се нагласат придобивките од договорот. На крајот на краиштата, владите во двете земји треба да ја убедат јавноста, а меѓународните актери ќе помогнат да се покажат придобивките. Отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ и членството во НАТО за околу една година се најдобрата поддршка што ЕУ и НАТО можат да ја понудат. Важно е да се напомене дека, за време на дискусијата во ЕУ за кога да почнат пристапните разговори со Македонија, бројот на ЕУ членки што силно ја поддржаа Македонија е најголем досега.