Глигоров: Опстојувањето речиси 40 години ја потврдува потребата за „Скопско лето“

Со вечерашниот концерт на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија (Сули ан, 20.30), „Скопско лето“ го завршува 39-тото издание. Од 21 јуни, кога фестивалот во главниот град традиционално се отвора празнувајќи ги истовремено почетокот на летото и светскиот ден на музиката, до денеска имаше 60-ина настани со речиси илјада домашни и странски учесници.

Според организаторот – Дирекцијата за култура и уметност-Скопје (ДКУС), бројот на посетителите е во рамки на просекот, меѓу 20.000 и 30.000. Посетеноста е секогаш проценка затоа што содржините на фестивалот се, главно, бесплатни и многу од нив на отворени простори каде што публиката е во движење.

– „Скопско лето“ и годинава со разновидноста, квалитетот и атрактивноста на програмата беше ударно во културниот живот на Скопје од 21 јуни до 31 јули. Оценката е позитивна и задоволителна и ја темелиме на тоа дека она што го најавивме, успеавме да го реализираме. Освен некои опструкции поради времето и мали поместувања на некои настани што беа за отворен простор, а се одржаа на алтернативни затворени простори. Од посетеноста и оваа година можеме да бидеме задоволни и презадоволни. На моменти просторите беа претесни да ги примат сите посетители, изјави за МИА Никола Глигоров, директор на ДКУС.

Меѓу настаните со најголем одѕив од публиката годинава тој ги спомна претставата „Ричард Трети“ на загрепскиот театар „Гавела“ и концертот на Јелена Томашевиќ во преполните МНТ односно МОБ, како и концертот со музичарките од Шпанија минатиот вторник во Музејот на Град Скопје.

Според Глигоров, публиката е разновидна зашто и програмата е таква. Покрај постојаната и верна публика која го следи фестивалот со децении, „Скопско лето“ има и нова, млада публика. И тоа не само за содржини кои сами по себе се привлечни за младите, вели Глигоров, како џез и блуз-концерти и популарна музика, туку тие доаѓаат и за класична музика, ликовни изложби, филм. Годинава имаше и детски блок со три програми наменети за деца и со деца учесници, така што фестивалот имаше и најмали посетители.

Наскоро ќе бараат од надлежните институции поддршка за 40-годишниот јубилеј идното лето. Имаат планови за програмата и веќе за гостите од странство се разговара со амбасадите со кои, како и со странските културни центри, овој фестивал има долгогодишна соработка.

– Основите за програмските блокови треба да ги знаеме во септември кога треба да аплицираме пред Град Скопје и Министерството за култура за наредното „Скопско лето“. Финансиската поддршка е важна зашто од неа зависи колку од нашите желби ќе се остварат. Опстојувањето на „Скопско лето“ во скоро 40 години потврдува дека има потреба за него. Го поддржуваат и посакуваат уметниците, и публиката, исто така. За догодина се надевам ќе обезбедиме коректна поддршка тоа „Скопско лето“ да биде сублимат, пресек на она што се случувало во изминатите години. Не дека ќе пуштиме стари програми, но може да се случи некои имиња коишто биле во годините наназад, повторно да се појават за да нè потсетат. Ќе биде тоа квалитет и врз основа каква била реакцијата на публиката и критиката. Но, секако, ќе откриваме и истражуваме нови перспективи. И натаму основата ќе бидат нашите, домашни уметници и ансамбли, збогатено со гостите од странство, истакна Глигоров.

Уметниците се душата и суштината на „Скопско лето“

Во 39-те лета имало повеќе од две илјади програмски содржини и илјадници уметници. Дирекцијата е организатор и координатор на програмата, но суштината и душата на „Скопско лето“, вели директорот на фестивалот, му ја даваат уметниците и културните институции, пред сè, од Скопје и од Македонија.

– Нема македонски уметник или институција што не биле на „Скопско лето“, гостувале сите македонски театри. Се обидуваме секоја година најмалку една до две македонски претстави да бидат дел од програмата. Комуницираме со институциите, се координираме со нив, дел од нивната редовна програмска активност да ја поместат во периодот на фестивалот или дури и заедно да направиме специјална продукција. Осумдесет проценти од содржините се премиерно изведени или специјално подготвени за „Скопско лето“. Ако и има некоја што веќе била прикажана, изведбата во нов простор е веќе нов амбиент и сосема друга претстава за публиката. Откако се етаблира меѓународната програма, во соработка со културни центри и амбасади, 30 отсто се учесници од странство. Тоа е можност и за нив да ја промовираат својата култура во нашата земја, додава Глигоров.

Мултимедијален и отворен за публиката

По старост „Скопско лето“ е втор летен фестивал (основан 19 години по „Охридско лето“) и бил инспирација за такви и слични манифестации низ Македонија и образец по кој се формирале летните фестивали во Битола, Штип, Прилеп…

Почнал во 1980 година со идеја нешто да се случува во летните месеци кога, по завршување на сезоната на инстутуциите од културата, има празнина од јули до септември. Најпрво се организирале фолклорни концерти на тогаш релативно новиот кеј на Вардар. Потоа се проширил со концерти на млади рок-групи низ градот и спонтано се сфатило дека тоа и му треба на Скопје.

Создаден е на иницијатива на Културно-просветната заедница-КПЗ (која е формирана во 1948 и потоа трансформирана во сегашната Дирекција за култура и уметност), со поддршка од Туристичкиот сојуз на Град Скопје, Музичката младина на Македонија, Домот на младите итн. Новите, летни настани биле прифатени и од публиката, и од институциите.

Советот на „Скопско лето“, во кој членувале еминентни културни и општествени работници во тоа време, ја дале концепцијата на фестивалот – да биде мултимедијална манифестација, отворена за публиката и колку што може повеќе дисперзирана на повеќе локации во градот.
Во почетокот на 1980-тите, кога Скопје бил само еден од главните градови во Југославија, фестивалот бил концентриран на програми и настани на локалните институции, а приближувајќи се кон 1990-тите се интензивирала меѓународната соработка.

Промотор на непознати локации во Скопје

На самиот почеток се инсистирало фестивалот со својата програма да ги анимира отворените простори и да открива нови локации кои им биле непознати и на скопјаните. Настаните на „Скопско лето“ своевремено се одржувале од Ченто до Ѓорче Петров, од Матка до Марков манастир.

Куршумли ан, на пример, првпат е употребен како сценски простор токму на овој фестивал, за „Солунски патрдии“ на Драмскиот театар. Оваа година и во изминатите неколку главна отворена локација беше Сули ан (Факултет за ликовни уметности), на времето и Капан ан беше дел од програмата, пред да стане угостителски комплекс.

И Чифте амам од „Скопско лето“ првпат бил препознат како културен простор – во 1990-тите со проектот „Ликвор Амни“ кога овој објект сè уште беше запуштен и малкумина знаеја дека воопшто постои.

– Беше интересно како да се влезе внатре, се пропаѓаше од покривот на Чифте амам… „Скопско лето“ меѓу првите почна да прави интервенции на отворен простор во градот, уште во 1980-тите, кога беше чудно што некои уметници цртаат, прават нешто на отворено. Се спуштаа цели платна од Кале, се обликуваше просторот. Ние правевме театарски претстави и мултимедијални проекти на Кале во времето кога таму освен ресторанот, имаше две-три канделабри од кои земавме струја за да покажеме дека и тој простор треба да заживее. Како резултат на тоа, на Калето беше направена сцена со гледалиште која потоа беше тргната кога почнаа археолошките истражувања кај Киклопскиот ѕид, рече Глигоров.

Може, вели, да се набројат и до 30 различни сцени кои биле користени на фестивалот зашто една и иста отворена сцена се преобразувала во варијанти, еден простор има различни приоди и создава поинакви амбиенти. Самиот простор, истакнува тој, ја прави магијата и тие што го формирале „Скопско лето“ затоа и инсистирале на отворените простори.

Највпечатливи на кои се сеќава од минатите фестивалски изданија за Глигоров се токму настаните во околината на Скопје, концерти и претстави на Матка и кај Марков манастир. Еден од нив посебно го фасцинирал – концертот „Скришно место“ на Драган Даутовски, кој како идеја произлегол од книга на Петре Бакевски.

– Концертот беше договорен во Марков манастир и со одобрение на архиепископот г.г. Стефан. Го ограничивме бројот на влезници на 200 колку што имаше столови за да на се нарушува мирот на тој женски манастир. Со поддршка на ЈСП ангажиравме два автобуса за публиката. Тргнавме да одиме натаму и се случува порој од невиден дожд, поплава. Доаѓа време за почеток на концертот, одеднаш снемува струја. Мислевме пропадна работата. И покрај ограничениот број, имаше многу луѓе, дојдени беа и со автомобили. Упорно врне, автобусите доаѓаат, и кога се обидувавме да најдеме друг простор, струјата се врати и времето се смири. Сите седнаа на столовите, концертот почна и се одржа. Тоа се моменти чудо и восхитуваат. Тој концерт немаше да ја имаа таа магија ако беше во некоја сала во градот. Таквите простори се сами по себе магични и прават посебна слика, истакнува директорот на ДКУС.

Претстави, перформанси и мултимедијални настани на „Скопско лето“ се одржувале и кај Идадија, старата учителска школа, во Градскиот парк и во некогашниот Кермез, во Луна-паркот, каде што своевремено се правеше театарскиот маратон „Театар на месечина“, а во еден период и програмата „Кафе-кино“…

На некои од тие локации се изведени и претстави специјално направени за овој фестивал, како: „Светулки во ноќта“, „Техноѕвезда“, „Пат за Парамарибо“, „Три сестри“, „Горјаболко“, „Салома“, „Хамлет машина“…

По неколку изминати години во кои фестивалот немаше свој проект, оваа година се врати со продукција – балетот „Метаморфоза“. Организаторот очекува од идната година повторно да имаат проекти во сопствена продукција што порано беше уште една одлика на „Скопско лето“.