Заев-Ханеда: Договорот со Грција беше постигнат со голема храброст на двете влади

Амбасадорката на Јапонија во земјава, Кеико Ханеда на средбата денеска со премиерот Зоран Заев му честиташе за постигнатиот договор со Грција, посочувајќи дека по неговото потпишување чувството на меѓународната заедница е дека двете земји се големи пријатели.

Како што соопшти владината прес-служба, истакнувајќи дека Јапонија секогаш била голем пријател на Македонија, премиерот Заев посочи дека особено ја цени поддршката што оваа земја во континуитет ѝ ја пружа на Република Македонија.

– Имавме храброст со Грција да најдеме решение и да ја отвориме иднината, пред сѐ, за младите генерации кои доаѓаат. Со тоа и на светот му покажавме дека Македонија има демократски капацитет и волја за решавање на проблемите. Претстојниот референдум впрочем е највисокото ниво на демократија. Граѓаните се исправени пред тешка одлука, но верувам дека ќе ја донесат вистинската одлука за својата и за иднината на своите поколенија, потенцираше премиерот Заев.

Амбасадорката Ханеда, од своја страна, се наведува, нагласи дека Јапонија и натаму ќе ја поддржува Македонија во евроатлантските аспирации и ќе продолжи да го помага развојот на земјата во разни области.

Денешната средба премиерот Заев ја искористи на амбасадорката Ханеда да ѝ изрази сочувство за бројните жртви во неодамнешните поплави кои ја зафатија Јапонија. Потенцирајќи дека пријателството меѓу двете земји е зацврстено одамна, премиерот Заев истакна дека по примерот на Јапонија, Македонија ќе ѝ помага на земјата секогаш кога ќе има потреба за тоа.

Амбасадорката,пак, се заблагодари за помошта што Владата на РМ ја оддели за штетите од поплавите во Јапонија и подвлече дека Владата на Јапонија и јапонскиот народ високо го ценат овој гест на поддршка и солидарност, се наведува во соопштението.