Новиот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски во изјава за МИА вели дека првите активности на Комисијата ќе бидат нејзиното конституирање, а потоа и спроведување на референдумот за името. Деркоски, кој на чело на комисијата доаѓа на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вели дека членовите на ДИК во оваа ситуација не можат да заземаат политички ставови туку треба да ги почитуваат законите и Уставот.
– Како прв чекор на новата Комисија ќе биде конститутивната седница на ДИК и потоа како орган што треба да спроведе иден референдум ќе треба да ги преземеме првите чекори во тој правец. Се надевам дека ќе успееме да одговориме на поставената задача согласно Уставот и позитивните законски прописи што го налагаат тоа, рече новиот претседател на ДИК.
Во однос на активностите за референдумот, Деркоски вели дека согласно Законот за референдум овластениот предлагач, во овој случај Собранието на Република Македонија, треба да ја донесе одлуката за референдум, па потоа оперативно ДИК согласно членот 31 од Законот за референдум да ги преземе своите надлежности околу организација и техничките подготовки на самиот референдум, односно спроведување на одлуката.
На последната лидерска средба во понеделникот владејачките партии и опозициската партија не постигнаа согласност во врска со референдумот за името, а како што изјавија лидерите, главните несогласувања биле околу референдумското прашање.
Дерковски во изјавата за МИА вели дека, без разлика што доаѓа од ВМРО-ДПМНЕ, тој и сите останати членови на ДИК се членови на државен орган што има одредени задачи, овластувања и надлежности.
– Политички ставови во овој момент и во оваа ситуација не можеме да заземаме, бидејќи треба да ги почитуваме позитивните законски прописи и Уставот на Република Македонија, рече Деркоски.
Тој и другите новоизбрани членови на ДИК денеска требаше да дадат свечени изјави пред претседателот на Собранието Талат Џафери, по што требаше и официјално да стапат на своите фунцкии. Тоа беше одложено, поради тоа што Џафери мораше да замине во Приштина. Свечените изјави се презакажани за понеделник.