Заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски денеска и утре во Вашингтон ќе учествува на Министерска конференција за унапредување на верските слободи, на покана на државниот секретар на САД Мајкл Помпео.
– Промовирањето и заштитата на верските слободи е приоритет на американската администрација и за таа цел државниот секретар Помпео ќе биде домаќин на прва министерска конференција која покрај министри и владини претставници, на едно место ќе собере бројни верски лидери, борци за човекови права и претставници на граѓанскиот сектор. Тие ќе разговараат за предизвиците, ќе идентификуваат конкретни мерки и чекори за борба против верскиот прогон и дискриминацијата и обезбедувањето поголемо почитување на верските слободи за сите, соопшти Министерството за надворешни работи.
Конференцијата ќе ја одбележи и 20-годишнината на Меѓународниот акт за верски слободи донесен од американскиот Конгрес во 1998 година со бипартиски консензус. Тој е основен документ кој ја афирмира важноста од промовирањето на религиозните слободи како клучен елемент во надворешната политика на САД.
Покрај државниот секретар Помпео, на отворањето на конференцијатаќе се обрати и потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
МНР соопшти дека Жерновски за време на дводневната работна посета на Вашингтон ќе оствари средби со високи претставници на американската администрација, средби во Белата куќа, во Стејт департментот, Конгресот и со тинк-тенк заедницата.