Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ претпладнево до кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери конечно ги доставила предлозите за членови на ДИК од нивната партија.
Со ова се очекува да се одблокира процесот за избор на составот на ДИК, но, исто така, е и своевидна потврда дека пратеничките групи се договориле да го реализираат она што беше договорено на понеделничката лидерска средба во Клубот на пратениците.
Кабинетот на Џафери формалните известувања од политичките партии за предлозите за членови на ДИК ќе ги достави до претседателот на Комисијата за прашања на изборите Илија Димовски.
Димовски за МИА изјави дека седницата на Комисијата ќе ја закаже веднаш штом ќе ги добие материјалите од претседателот Џафери.
Партиите неофицијално во јавноста веќе ги соопштија кандидатите за членови на ДИК, новиот состав што треба да го организира есенскиот референдум за името по Договорот со Грција.
СДСМ ги предлага Борис Кондарко, Јанаки Витановски и Радица Ристевска, а ВМРО-ДПМНЕ Оливер Дерковски и Елизабета Постоловска, ДУИ ја предложи Дитмире Шеху, додека БЕСА излезе со предлогот Енвер Салиу.
Претседател на комисијата ќе биде Дерковски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека консензуалниот договор на партиите беше овој привремен состав на ДИК да се бира по стариот модел со партиски претставници. За овие членови на ДИК треба да гласаат две третини од пратениците.
Имајќи го предвид деблокирањето на изборот на составот на ДИК се очекува до сабота да се одржи седница на Собранието на која што исто така ќе бидат изгласани и законите за финансирање на политички партии и за влада онака како што беше договорено на лидерската средба во понеделникот.