„Зборува Скопје“ – почна одбележувањето на годишнината од скопскиот земјотрес

Не е заборавена поддршката што пред 55 години нашиот град ја доби од целиот свет. Ова нека биде добра прилика да покажеме дека го сакаме нашиот град, неговата култура и уникатната урбаност која ќе ја негуваме во иднина, истакна вечерва градоначалникот на Скопје Петре Шилегов во Музејот на Град Скопје каде што беше откриена пораката на Јосип Броз Тито со нови букви, која по 17 години повторно е вратена на фасадата на Музејот.

Се работи за изјава која претседателот на СФРЈ ја кажал на 27 јули 1963, ден по катастрофалниот земјотрес, и која гласи: „Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата наша заедница. Тоа ќе стане симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.“ Пораката стоеше на источниот ѕид на Музејот од 1974 до 2001 година.

Со откривањето на возобновената порака, Град Скопје ја почна четиридневната манифестација „Зборува Скопје“ во сеќавање на 55 години од земјотресот.

Шилегов информираше дека за 15-ина дена ќе почне изградба на прва подземна сообраќајница во Скопје. Најави и нов концепт наречен Скопје урбан центар во кој ќе се вклучи  и Асоцијацијата на архитекти на Македонија која, како што рече, последнава деценија беше целосно исклучена од урбаното планирање на градот.

– Скопје урбан центар по издигнувањето на ниво на широка стручна платформа има за цел да работи на урбанизацијата на 10-ина нови локации на северниот прстен на градот со што ќе се намали притисокот на урбанизацијата на јужниот дел на градот и ќе се придонесе Скопје да го претвориме во горда престолнина и идна членка на ЕУ и НАТО, рече Шилегов.

Пред скопјани што вечерва присуствуваа на настанот, настапија Градскиот хор „Вардар“ и децата од „Златно славејче“ кои пуштија 1.070 бели балони во чест и во спомен на исто толку жртви кои ги загубиле животите во катастрофата во 1963 година.  Најмладите упатија ветувачка порака дека ќе го сакаат и чуваат Скопје.