Лидерите се договорија за ДИК и за „пржинска влада“, но не и за референдумот

Лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија вчера на средбата во Клубот на пратениците се договорија за изборот на ДИК, за Законот за финансирање на политичките партии и за техничка влада според Пржинскиот модел при идни парламентарни избори, но не успеаја да постигнат договор за референдумот. 

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев по лидерската средба изјави дека нема договор за референдумот за името со претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Изјави дека Мицкоски не сака Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО, и оти и покрај исполнувањето на трите барања од опозицијата, и покрај подадената рака да го убедат раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека во овие историски моменти треба да бидеме обединети во остварувањето на стратешките определби на нашите граѓание, Мицкоски се обидел да избега од референдумот.

– Партијата која една деценија се крсти во референдум како нивна програмска определба, денес неодговорно избега, значи Мицкоски вели граѓаните се со него, а не сака чесно да им даде избор. Мицкоски вели сака во ЕУ и НАТО, а не сака да поддржи ниту еден чекор кон таа цел. Јас да ви кажам, Мицкоски не знае што сака. Ја користам приликата да им се обратам и на сите чесни членови на ВМРО-ДПМНЕ, вам вратата ви е отворена исто како што е отворена вратата за успех на цела Македонија и за успех на сите граѓани. Направете го вистинскиот избор, татковината ќе ја биде. Македонија ќе стане членка на ЕУ и НАТО, а македонскиот народ вечно ќе биде македонски народ и вечно ќе зборува македонски јазик, порача премиерот и лидер на СДСМ.

Тој нагласи дека мнозинството кое е за напредна и европска Македонија, нема да дозволи актуелното раководство на опозицијата, кое вели, избра да остане осамено и заглавено во своето црно минато, да ја држи и понатаму Македонија во заложништво.

– Ова беше уште една можност за Мицкоски и ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ да застане зад македонските национални интереси. Од сега па натаму нека им суди историјата за нивните срамни дејствија. Јавноста нека биде спокојна. Тргнуваме силно и никој не може да не сопре. Македонија ќе успее. Ќе има и ДИК, ќе има и референдум и ќе победи и волјата на граѓаните, подвлече Заев.

Мицкоски, пак, изјави дека главните разлики меѓу владеачките партии и опозициската ВМРО-ДПМНЕ на лидерската средба, биле околу карактерот на референдумот и содржината на евентуалното референдумско прашање. Нагласи дека нивниот партиски став е дека референдумското прашање мора да биде еднозначно, онака како што предвидува Законот.

– Не можеме да се согласиме со прашање со повеќе значења. Прашањето треба да се однесува само на договорот. Нашата позиција е јасна и таа е партиски став дека референдумското прашање  мора да биде еднозначно што впрочем го дефинира и самиот Закон за референдум, но и самиот Устав, односно да има едно значење, а не да биде поврзувано со повеќе значења, изјави Мицкоски по средбата.

Тој изрази уверување дека ќе ги приближат ставовите во однос на успешноста на референдумот, кој, нагласи, според Уставот треба да исполни два кумулативни улова – излезеноста да биде 50 отсто плус еден, и минимум 50 отсто плус еден од тие што излегле на тој референдум да гласа „за“ или „против“ на евентуалното референдумско прашање.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети изрази разочарување поради непостигнувањето договор околу референдумот, иако  владејачките партии, рече, се повлекле од првичните позиции во интерес на единството во државата и ги прифатиле барањата на опозицијата.

– Владејачките партии ги бранеа државните интереси. Разликите се во прашањето кое треба да се постави на референдумот. Се разбира дека нормалниот тек на референдумот и изјаснувањето зависи од прашањето кое ќе го поставите. Во овој случај сакам да истакнам дека сите ние треба да ги ставиме државните пред партиските интереси. И сметам дека во оваа ситуација опозицијата треба да ги стави, пред се, државните интереси, рече Ахмети посочувајќи на членството во НАТО и ЕУ.

И Билал Касами, лидер на крилото на БЕСА која е во опозиција, по лидерската средба изрази уверување дека политичките партии треба да работат референдумот да биде успешен, а граѓаните да имаат можност да ја изразат својата волја во однос на Договорот од Преспа.