Комисијата за европски прашања ја почна амандманската расправа за Изборниот законик

Собраниската Комисија за европски прашања ја започна расправата околу 400-те амандмани што ги поднесоа вчера пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на Предлог-измените на Изборниот законик, кои се носат по скратена постапка.

Претседателот на Комисијата Артан Груби информира дека сите амндмани биле преведени и архивирани и оти расправата може да се одржи.

Пратеникот Илија Димовски го повтори партискиот став дека оваа Комисија не е матична и побара законот да се разгледува на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедиците, како надлежна за изборното законодовство.

Претседтелот на Комисијата Груби даде куса пауза, по која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно побараа да бидат прифатени нивните забелешки за ненадлежност на комисијата.

Груби го праша координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Драги Данев да појасни што предлагаат да се промени во законот со нивните амандмани оти, како што рече, со процедуралните забелешки тие ја кочат амандманската расправа за амандамините што самите ги поднеле.

– Ние со амандманите бараме да се почитуваат Уставот, Законот и Деловникот за работа на  Собранието. Ние како парламентарна опозиција демокрстаки средства што може да ги искористиме се тие и никои други, рече пратеникот Драган Данев.

Седницата започна вчера, во тензична атмосфера. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа таа да се одложи од деловнички причини бидејќи не биле архивирани ниту преведени поднесените амандмани. Претседателот на комисијата Артан Груби, сепак, ја отвори седницата и најави дека ќе закаже продолжение штом бидат преведени амандманите.

Комисиската расправа треба да заврши денеска, бидејќи според Деловникот, за закони кои се донесуваат по скратена постапка и со европско знаменце треба да трае два дена.

Со измените се предвидува избор на членови на ДИК да се изврши со 61 пратеник, наместо со двотеринско мнозинство. ДИК треба да го организира спроведувањето на референдумот кој е обврска од Договорот од Преспа.

Седницата на Комисијата за европски прашања беше закажана по двете лидерски средби, во проширен и во скратен состав, на кои не беше постигнат договор за изборот на ДИК, за референдумот и за рефрендумското прашање.

Лидерската средба во скратен формат, на претседателите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами, треба да продолжи в недела навечер или понеделник наутро во обид да ги испеглаат разликите и да постигнат договор за формирање на ДИК и прашањата поврзани со престојниот референдум, кој треба да се одржи наесен, а чија евентуална можна формулација ја соопшти завчера Заев  – Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција.