Оваа година се очекуваат повисоки откупни цени на грозјето, пред се, поради зголемената побарувачка на глобалниот пазар. Винарските визби немаат залихи и најавуваат откуп од близу 143 милиони килограми, рекол министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешната средба со претставници од винарските визби и со лозарите посветена на претстојната берба и откуп на грозје.
– Според проценките на МЗШВ и на винарските визби оваа година се очекува да биде поволна од аспект на извозот и вредност на извозот, ако се има предвид дека заклучно со април годинава вкупниот извоз на вино од Македонија бележи пораст од 8 отсто по количина и 11 отсто по вредност, додека просечната цена по единица мерка бележи пораст од 3 отсто, споредено со истиот временски преиод во 2016 година, соопшти по средбата Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Како што потенцирал Николовски, обврска на МЗШВ како ресорно Министерство е да создаде услови за непречен откуп и стабилни откупни цени, поволен амбиент и за винарниците и за лозарите.
– Како Влада и министерство силно сме фокусирани на создавање модерно лозарство, наша цел беше да ги ислушаме потребите на македонските лозари и винарските визби, а најпрво моравме да ги обезбедиме средствата од минатите години кои не беа исплаќани на земјоделците, како и во тековниот период да обезбедиме средства и механизми со цел да направиме добра подлога за понатамошно развивање на овој сектор, изјавил Николовски.
Тој потсетил дека субвенциите за лозарството од Програмата за финансиска поддршка за 2017 година со која за 10 отсто беше зголемена основната субвенција, се во целост исплатени навреме пред почетокот на новата производствена сезона.
– За одржување лозови насади се исплатени над 745 милиони денари и за дополнителните субвенции од 2 денари за предадено грозје односно над 134 милиони денари. Откупеното грозје од реколтата 2017-та од страна на винарските визби е целосно исплатено. Просечната откупна цена на винското грозје во 2017 година е 13,67 денари за килограм, што претставува зголемување од 11,5 отсто во споредба со 2016 година кога била 12,27 денари за килограм. Ова е највисоката просечна откупна цена во последните шест години, наведува МЗШВ.
Оттаму дополнуават дека годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 20 отсто се повисоки субвенциите за одржување на лозови насади за они кои имаат од 1 до 10 хектари, односно за лозарите со развоен потенцијал, или наместо 44.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар. Исто така, се воведе нова дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар за реконструкција на лозови насади, за промена на сортимент, што е важно за следење на светските трендови и за зголемување на конкурентноста.