Генимата: Договорот од Преспа не е прифатлив за нас

Грчката Влада направи опасни отстапки за јазикот и националноста, отстапки кои наместо да затворат стари, отвораат нови сметки. Договорот не е прифатлив за нас, рече претседателката на Движењето за промена, Фофи Генимата.

Во нејзиниот говор во Серес, објасни дека партијата сака одржлив договор со соседната земја, договор „што ќе поништува секаков вид на иредентизам и идна националистичка аспирација на товар на Грција“, рече дека тие сакаат решение, но не било какво решение.

-Кога излезе на виделина Договорот, без заобиколувања, разјаснивме дека за нас, под тие услови не е прифатлив. Ако беше така ќе се решеше прашањето од претходните влади на ПАСОК. Ние бевме и сме комплетно против отстапувањата на грчката Влада во критичните прашања за националноста и јазикот. Станува збор за отстапки што се опасни и историски погрешни. Отстапки од цврстите позиции, што наместо да затворат стари, отвораат нови сметки, рече Генимата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, лидерката на Движење за промена истакна дека минатиот викенд „северните соседи славеа за ерга омнес признавањето на македонскиот народ и македонскиот јазик“, додека пак во Атина „се фалеа со преспанското шоу“.

-Ние прашуваме: Зошто постои разлика меѓу името на земјата и државјанството на нејзините жители? Зошто, со задоволство, прифативме признавање на македонски јазик без некаков додатен префикс? Кој има право да ги крсти производите македонски? Вие, овде во Македонија го живеете тоа и го знаете подобро од било кој. Договорот може да предизвика сериозни и реални проблеми во трговските врски и употребата на трговските ознаки со зборот „македонско“. Грција треба да биде будна, бидејќи се плашам дека, ако не направиме ништо, набргу ќе се најдеме пред болни изненадувања, порача претседателката на Движење за промена од Серес.

Генимата во нејзиниот говор спомена дека нејзината партија ја потпиша Времената спогодба, која беше „најреалниот пристап што обезбеди, не само мир во регионот, туку и преговарачка надмоќност и лидерска позиција на земјата во северното соседство“ и упати критики до Ципрас дека со целото прашање управувал без да го гарантира националниот интерес.

Ја обвини грчката Влада и за писмото испратено до НАТО за македонското членство, велејќи дека не станува збор за една обична покана, туку „започна процесот за интеграција“.

-Ако другите земји продолжат со ратификација на интеграцијата, на крај Грција ќе остане сама и ќе се создадат неповратни резултати, коментираше Генимата.

Во нејзиниот говор, ги спомена и последните случувања во руско- грчките односи, рече дека владата сега отворила „нови сметки со протерувањето на Русите, а Заев обвинува грчки бизнисмени“. Генимата, побара итно да бидат известени од институционалните органи.