„Или сега или некогаш“, е мотото на Македонија во однос на тоа што и се случува сега, во моментов. Роковите за постигнување договор се лимитирани. Ова се посебни мигови за државата, нема простор за ексклузивност, ниту на владата, ниту на партиите. Не се работи за добивање политички поени, ниту за тоа кој ќе биде на власт, туку за тоа каде ќе биде земјава во наредните години и децении. Во вакви историски моментни, како претставници на граѓаните, имаме обрвска да кажеме каде одиме, а од лидерската средба го очекувам токму тоа, рече вицепремиерот Бујар Османи за „Само вистина“ на Канал 5.
Тој од лидерската средба очекува важни одлуки и, како што истакна, опозицијата да ја сфати сериозноста на моментот и така да одигра, додека во врска со изборите оцени дека не треба да се брза, туку дека Македонија најпрво треба да ги заврши обврските од Договорот со Грција.
– Јас сум за консензуално влегување во процесот, со нула ризик. Ако тоа значи разговори, компромиси, тогаш сум за седнување на маса без прекин додека не се постигне консензус. Роковите се многу кратки, секое доцнење за имплементација на Договорот со Грција ќе има реперкусии кои може да го загрозат целиот процес за влез во НАТО и ЕУ, истакна Османи за лидерската средба.
Според него, ако Македонија сега не каже јасно каде оди, ќе се затворат вратите на НАТО и ЕУ засекогаш и ќе и се загрози иднината.
– Лидерската средба што се случува попладнево е посебна зашто на неа не се менаџира криза, туку се разговара за историската можност што ја има земјава. Ние, како претставници на граѓаните, имаме обврска еднаш засекогаш да ја внесеме Макдонија во семејството земји кое гарантира безбедност, економски просперитет и останување на младите дома, потенцира вицепремиерот.
Во вакви историски мигови, оцени, формата е многу малку важна. Многу побитна е суштината.
– Важно е дали имаме искрен дијалог и решение. Ја охрабрувам оваа лидерска средба и се надевам дека ќе донесе важни одлуки за државата. Нема простор за ексклузивитот, сите треба да сме таму и да кажаме на која страна сме. Секој дијалог е придонес за демократијата и треба да се охрабри, подвлече Османи.
Важно е, дополни, опозицијата да ги препознае критичните моментни.
– Не би брзал со констатацијата, ниту би прејудицрал која позиција ја зазема опозицијата во вакви историски моменти, но мислам дека е свесна за својата улога зашто сами не можеме да го истуркаме процесот. Очекуваме да ги препознае критичните моменти за да ги реализираме заедничките цели, рече Османи.
Нагласувајќи ја уште еднаш важноста на предизвикот пред кој е исправена Македонија, Османи порача дека апсолутно не гледа на партискиот интерес, туку единствено на иднината на државата и на нашите идни генерации. – И по цена да не постиме како политички партии, процесот треба да успее, заради иднината на државата, подвлече вицепрмеиерот.
Во интервјуто, снимено непосредно пред лидерската средба, Османи напомена дека, пред се, зборува од свое и од име на неговата партија ДУИ.