Македонскиот премиер најави потпишување стратешки договори со Грција

Македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас последните средби ги имале во Лондон и Брисел, а како што рече Заев во разговорите останува меѓусебното храбрење и иницијативите  за пријателство, меѓу кои и склучување на стратешки договори меѓу двете земји.

– Разговараме некаде наесен да ги подготвиме договорите што две соседни земји не може да ги немаат како договори, а тоа е за Заштита на инвестициите, Договорот за отстранување на двојното оданочување меѓу двете земји и многу, многу други договори. Тоа за мене значеше и обврска да пренесам во институциите да почнат со подготовката за билатералната комуникација со Грција, вели Заев.

Тој потенцира дека по спроведување на референдумот во Македонија и ратификација на договорот во грчкиот Парламент, граѓаните ќе очекуават и да ги видат конкретните ефекти и поволности од овој договор за пријателство и стратешко партнерство со Грција.