Традиционални песни од Источна Македонија на цеде, промоцијата на „Скопско лето“

Десет композиции – осум песни и две ора од Малешевијата, Пирин, Осоговијата и Овче Поле, содржи цедето „Од македонското поднебје – кон Исток“ кое вечер ќе биде промовирано во Музејот на македонската борба од 20.30 часот, во рамки на фестивалот „Скопско лето“. Вокал на песните е фолк-пејачот Душко Георгиевски, а изведувач на кавал, гајда, тамбура и тапан е Бајса Арифовска, која свири на повеќе народни инструменти.

Таа е автор на аранжманот на композициите, меѓу кои има и досега непознати за пошироката јавност. Во снимањето на материјалот се придружиле и нејзините колеги Златко Димитријоски на тамбура, Емил Адамски на гајда и кавал и Ратко Даутовски на тапан, како и колеги од пејачката група од Националниот ансамбл „Танец“ каде што Арифовска е асистент во оркестарот. За МИА таа изјави дека изборот на традиционалните песни го направила заедно со пејачот Георгиевски, кој е нејзин соработник и пријател.

– Дуле издвои неколку теми од неговиот крај коишто му се омилени и имаше желба да ги отпее. Мене, исто така, во глава ми беа неколку неотпеани теми и едно авторско оро. Така што, задоволство е кога размислувањата и идеите ни се вклопуваат за добар избор и позитивен краен резултат. Некои од песните се слушани и пеани, како „Ја подај ми моме тенка пушка“ и „Ајде која ми те лаже Миле бре“, а повеќето се подзаборавени, па така со задоволство сакавме да ги обновиме и оживееме – на пример „Гуна болна лежи“ и „Комита пита распита“ се песни од Малешевијата и се помалку познати во јавноста, вели Арифовска.

Оваа мултиинструменталистка и професор по традиционални инструменти не издвојува најтежок за свирење зашто, вели, тоа не постои кога се има професионален пристап и голема љубов кон работата.

– Можеби повеќе стрпливост бара гајдата околу нејзиното нагодување, штимање и одржување на штимот, бидејќи доста бргу реагира на променлива температура. Секако, останатите имаат своја функција во оркестарот, која аранжерот треба да ја организира мелодиски, хармонски и ритмички, додава таа.

Љубовта кон фолклорот ја одвела во водите на музицирањето на традиционалните инструменти. Постојано, вели, ја влечел звукот на традицијата и одела на места каде што се свири и пее, во фолклорни друштва, разни семејни седенки и веселби…

– Местата каде што го поминував моето детство се сами по себе автентични во секој поглед. Зборувам за Беровскиот крај, Делчево, Македонска Каменица. Така се учи за почеток како дете… сè додека не се вклучив во формално средно музичко образование, па Факултет за музичка уметност во Скопје каде, меѓу другото, си го најдов својот професор Драган Даутовски. Тој посебно е заслужен во мојата едукација за овие инструменти и воопшто мој животен учител во права смисла, истакнува Бајса, која имала многу домашни и меѓународни настапи и како член на квартетот на Даутовски.

Постојано е во контакт со публиката која, според неа, умее да го препознае и вреднува изворниот мелос, наспроти она што ѝ се нуди како новокомпонирана музика и турбо-фолк.

– Владее тотално лудило и сме под разни влијанија од соседите. Тотален културолошки крах каде што е многу тешко уметник со изразени естетски вредности да исплива на сцена и да го одржува својот уметнички дух. Онаа публика којашто знае да препознае, да вреднува и да ужива во убавото, се издвојува, секако, и знае да врати. За нас, артистите, тоа е релевантен показател дека нешто сме направиле добро или лошо. Публиката дефинитивно не може да се излаже, чувствува и реагира на свој начин. А традиционалната музика е секогаш добредојдена, најпрво во својата земја, а уште повеќе надвор, додава Арифовска.

Етномузикологот Велика Стојкова-Серафимовска вечер ќе го промовира цедето, а во најавата пишува дека тоа содржи „творби создадени и испеани од наши предци, генерациски пренесувани од колено на колено од кои дел и доживувале доза на мелоритмички варијанти кои се показател на музикалноста и слободата на изразот на народниот музички гениј“.