Испразнетите места кои требаше да се пополнат во Владата, вчерашното напуштање на министерската позиција на Самка Ибраимовски и разговорите меѓу премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети навестуваат поголема промена во владиниот состав.
Пратеникот Артан Груби од ДУИ вчера потврди дека се завршени разговорите во врска со владиниот состав, а на собраниска седница денеска треба да бидат констатирани оставките на пратениците Васко Ковачевски и Стево Пендаровски.
Ковачевски вчера изјави дека ќе биде прв човек на комбинатот РЕК Битола, додека Пендаровски е избран за Национален координатор на НАТО. На нивните пратенички места ќе бидат Самка Ибраимовски и Далибор Богдановски.
Според Ибраимовски, на неговото место ќе биде назначен Ром интелектуалец, адвокат со големо искуство.
Изборот на новите членови на Владата би требало да се случи следната недела.