Шекеринска: САД – Јадранската повелба ја исполнува својата мисија

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска во Загреб учествуваше на посебниот министерски состанок на САД – Јадранската повелба, прв состанок на кој Македонија како една од земјите-основачи на иницијативата, доаѓа со покана за членство во НАТО.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Шекеринска доби честитки за пробивот на Македонија кон Алијансата од американскиот секретар за одбрана Матис, од копретседавачите со состанокот, министрите за одбрана на Хрватска, Крстичевиќ и на Црна Гора, Бошковиќ, од колешките од Словенија, Албанија и БиХ, Андреа Катич, Олта Џачка и Марина Пендеш.

Секретарот за одбрана на САД Матис, упати честитки за постигнатиот договорот меѓу Македонија и Грција, кој, рекол, доведе до формална покана за почеток на пристапните разговори за членство на Македонија во НАТО.

Заблагодарувајќи се на честитките, Шекеринска рече дека поканата за Македонија во НАТО докажува дека САД – Јадранската повелба ја исполнува својата мисија. Учеството на американскиот колега Матис на состанокот, додаде таа, ја потврдува поддршката на САД на регионот.

– Македонија доби голема поддршка од вас, од членките на САД – Јадранската повелба, за да ја добиеме поканата за НАТО. А5 функционира затоа што сме поддршка, едни на други. Оваа иницијатива е успешна поради постојаната американска поддршка. САД се партнер на регионот и тоа партнерство ќе продуцира посилен НАТО сојуз, но и посилен Балкан, рече Шекеринска.

Министерката им порача на колегите од земјите-членки на А5 дека интеграцијата на Македонија во Алијансата ќе ја зацврсти стабилноста и безбедноста во регионот. Акцискиот план за членство, низ кој Македонија минуваше 18 години, бара напорна работа во економски, политички, одбранбени реформи, истакна министерката, и додаде дека изминатите 13 месеци Владата успеа да затвори две важни прашања со соседите.

Членството во НАТО е волја на мнозинството од граѓаните на Македонија, потенцираше министерката, и истакна дека следните чекори се достигнувањето и одржувањето на одбранбениот буџет на ниво од 2 проценти од бруто-домашниот производ, континуитетот на одбранбените реформи и придонесот во меѓународните мировни операции.

Пред почетокот на состанокот, министерката Шекеринска имаше состанок со министерот за косовските безбедносни сили, Рустем Бериша, стои во соопштението.