НБРМ: Монетарна поставеност соодветна на постојните економски и финансиски услови

Монетарна поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што каматната стапка на благајничките записи се задржа на нивото од три отсто, а понудата на благајнички записи остана на нивото од 25.000 милиони денари, е заклучокот од вчера одржаната редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија (НБРМ).

Од НБРМ соопштија дека на седница биле разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата биле потврдени досегашните констатации за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти, видливи преку поволните движења на девизниот пазар и растот на депозитната база на банките.

Според последните расположливи податоци, на седницата било констатирано дека најголем дел од показателите, клучни за монетарната политика, се во рамки на очекувањата. Извесни отстапувања се забележуваат во делот на економската активност, каде што првичните податоци за БДП во првиот квартал на годинава упатуваат на минимален раст, што е под проектираното движење, како одраз на послабиот раст на приватната потрошувачка и поголемиот пад на инвестициите. Ваквите отстапувања создаваат и надолни ризици за проектираниот раст за целата 2018 година од 3,2 отсто.

Расположливите податоци за вториот квартал не се многубројни и воедно се дивергентни, но главно упатуваат на нешто поповолна состојба во економијата во споредба со првиот квартал. На ваква констатација упатува прометот во трговијата, чијшто раст е нешто посилен во однос на првиот квартал, значителното забавување на падот на вредноста на извршените градежни работи, како и подобрувањето на показателот за економската доверба, информираат од НБРМ.

Во однос на движењето на стапката на инфлација, според податоците за јуни, просечната годишна стапка на инфлација во првата половина од годината изнесува 1,5 отсто, при што и натаму се движи под нивото од априлската проекција. Во услови на пониски остварувања од проектираното и истовремено нагорна ревизија на очекувањата за увозните цени, засега се оценува дека ризиците околу проекцијата на инфлацијата за годинава од два отсто се урамнотежени. Неизвесноста околу проектираното движење на светските цени на примарните производи и понатаму останува главен ризик околу проекцијата на инфлацијата, посочуваат од НБРМ.

Податоците за девизните резерви за второто тримесечје на годинава, како што се наведува, укажуваат на раст во однос на крајот на првиот квартал, при поволни движења на девизниот пазар и нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Показателите за нивната адекватност покажуваат дека тие и понатаму се наоѓаат во сигурна зона. Остварувањата кај надворешно-трговската размена за април и мај упатуваат на можност за нешто понизок трговски дефицит од очекуваниот за второто тримесечје на годинава. На менувачкиот пазар, заклучно со втората декада на јуни, остварени се повисоки нето-приливи од приватните трансфери во споредба со очекувањата за вториот квартал.

Во однос на движењата во монетарниот сектор, од НБРМ потенцираат дека првичните податоци за јуни покажуваат натамошно месечно зголемување и на депозитите и на кредитната активност. Месечното зголемување на вкупните депозити во најголем дел е резултат на повисоките депозити на претпријатијата, при позитивен, но релативно помал придонес на депозитите на домаќинствата. Во однос на кредитниот пазар, зголемената кредитна активност во јуни речиси подеднакво произлегува од кредитите одобрени на домаќинствата и на претпријатијата. Депозитните и кредитните текови во периодот април – јуни се повисоки од проектираните за второто тримесечје на годинава, упатувајќи на натфрлање на проекцијата за овој период.

Во периодот меѓу двете месечни седници на Комитетот, денарските ликвидни средства на банките продолжија да се зголемуваат, што главно беше одраз на интервенциите на Народната банка за откуп на вишокот девизи на банките. Имено, на девизниот пазар, движењата беа поволни и се карактеризираа со континуирно повисока понуда на девизи, и покрај зголемената побарувачка на девизи заради исплатата на дивиденди и раздолжувањето на банкарскиот сектор кон странство. Продолжувањето на позитивните трендови на девизниот пазар и во овој период беше поддржано од зголемената понуда на девизи од корпоративниот сектор, а во иста насока влијаеше и солидната понуда на менувачкиот пазар. Ваквите движења овозможија натамошен раст на високата девизна ликвидност на банките, а дел од пазарниот вишок на девизи беше насочен и кон НБРМ, која во јуни откупи 20 милиони евра од банките поддржувачи. Поволните движења на девизниот пазар продолжуваат и на почетокот на јули, поради што Народна банка дополнително откупи девизи од банките поддржувачи, а збирниот откуп од почетокот на годината достигна 88,5 милиони евра, што е највисок износ од 2007 година наваму.

Во анализираниот период, зголемувањето на ликвидните денарски средства во банкарскиот систем влијаеше за намалена потреба на банките за задолжување на пазарите на пари, каде што каматните стапки остана релативно стабилни. Воедно, по задоволувањето на ниската пазарна побарувачка, банките продолжија да го пласираат вишокот парични средства најмногу во расположливите депозити кај НБРМ, информираат од НБРМ.

Во текот на минатиот месец, на меѓународните финансиски пазари била забележана одбивност кон преземање ризик во периодите на засилување на глобалните трговски тензии и на политички ризици во еврозоната. Во такви услови, се зголеми побарувачката на безбедни валути, a САД-доларот зајакна во однос на останатите валути. Во согласност со очекувањата, Централната банка на САД (ФЕД) го зголеми целното ниво за распонот на каматните стапки, вторпат во годинава, при што тековно се предвидуваат вкупно четири зголемувања за целата година. Во такви услови, приносите на државните обврзници во САД умерено се зголемија на краткиот сегмент од кривата на принос. Од друга страна, приносите на финансиските инструменти во еврозоната се движеа во спротивна насока, при искажан став на Европската централна банка (ЕЦБ) за бавно и постeпено нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Имено, на состанокот на ЕЦБ беше најавено дека откупот на хартии од вредност во рамки на програмата за квантитативно олеснување се предвидува да заврши до крајот на годината, додека во однос на каматните стапки на монeтарните инструменти беше посочено дека тие ќе останат на тековните ниски и негативни нивoа најмалку до летото 2019 година, посочија од НБРМ.

На седницата било заклучено дека последните макроекономски показатели и оцени кај одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, но кои засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика.

НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи случувањата во домашната економија и особено во надворешното окружување, каде што растечкиот трговски протекционизам ги зголемува неповолните ризици. Како и досега, во зависност од условите и оценетите ризици, доколку е потребно, НБРМ ќе преземе соодветни мерки за успешно остварување на монетарните цели, стои во соопштението.