Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери денеска се сретна со делегација предводена од потпретседателот на Националниот комитет на кинескиот политички совет, Џанг Чингли, со кој меѓусебните односи на двете земји ги оценија како пријателски и засновани на заемно почитување.
– Посетата се реализира во година кога се одбележуваат 25 години од воспоставување дипломатски односи меѓу двете држави и Џафери ги оцени билатералните односи како пријателски, отворени и засновани на заемно почитување. Одличните политички односи претставуваат значајна основа за остварување повисоки форми на соработка во областа на науката, образованието, одбраната, земјоделството, туризмот, здравството и медицината, културата и други области, соопшти Кабинетот на претседателот на македонското Собрание.
Во однос на Варшавската иницијатива 16+1, Џафери рече дека е од извонредна важност за реални и конкретни проекти кои ќе придонесат за подобра регионална поврзаност и поголема соработка во насока на забрзан економски развој.
Во рамките на Иницијативата, претседателот на Собранието информираше за формирањето на Координативниот центар за култура во Народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, кој има за цел јакнење и збогатување на културната соработка меѓу 16-те држави од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина.
Потпретседателот Чингли ги оцени односите меѓу двете држави како длабоко пријателски и изрази задоволство што истите постојано се унапредуваат преку соработка во разни сфери. Тој истакна дека целта е во иднина повеќе да се искористат потенцијалите за економска соработка и тие да резултираат со поголем број инвестиции и зголемена трговска размена.
Потпретседателот на Националниот комитет на кинескиот политички совет информираше и за импресивниот раст на кинеската економија и за реформите кои придонесоа Народна Република Кина да прерасне во просперитетна држава. Иницијативата 16+1 за интензивирање и проширување на соработката на Народна Република Кина со 11 земји членки на ЕУ и пет балкански земји ја оцени како комплементарна со соработката на Народна Република Кина со Европската унија. На крајот, му упати покана на Џафери да ја посети Народна Република Кина, со цел продолжување на посетите на највисоко ниво.
На средбата присуствуваа и координаторите и претставниците на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија.