„Топол пречек“ поради Договорот од Преспа му подготвуваат на грчкиот премиер граѓани од Солун, кои преку социјалните мрежи организираат протест пред хотелот каде што вечерва Алекис Ципрас ќе говори на годишното генерално собрание на Федерацијата на индустрии од северна Грција.
Протестот е закажан за 17 часот по локално време, два часа пред говорот на грчкиот премиер.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, алтернативниот министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос во интервју за грчкото радио „Њуз 247“, го коментираше закажаниот протест, потенцирајќи дека е многу мал бројот на луѓе што протестираат.
– Секаде каде што одиме нѐ пречекува една шака луѓе и ако имавме проблем, немаше премиерот да оди двапати во Солун во период од 10 дена. Јас мислам дека солунчани не се идентификуваат со оние луѓе што извикуваат: „Со оружје, со оружје да го земеме Скопје“ или „политичари – предавници“, рече Катругалос.