Сите турски инвеститори што сакаат да вложуваат надвор, тоа да го сторат прво во Македонија. Земјата со централна позиција на Балканот, претставува порта кон европскиот пазар од 500 милиони жители, нуди бројни деловни поволности, а допрва ќе биде и уште поатрактивна поради нејзината ЕУ и НАТО перспектива која и конкретно и се отвора.
Ова беше истакнато пред економските новинари од најпрестижните турски медиуми на денешниот настан што го организира Стопанската комора на Македонија и Турција (МАТТО) во Скопје.
Претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски апелира, политичарите извонредните односи меѓу двете земји на речиси сите нивоа да ги реализираат и на економски план. Тенденцијата е, како што посочи, сегашната многу мала трговска размена од 400 милиони долари да достигне една милијарда.
– Македонија е вистинска локација за турските инвеститори. Пред неа се ЕУ и НАТО перспективите, особено значајни за безбедноста и сигурноста на вложувањата. Земјата нуди и одлични можности за инвестирање, најмногу во слободните зони каде корпоративниот, персоналниот и данокот за опрема, вклучително и ДДВ се нула проценти, рече министерот за инвестиции Аднан Ќахил, дополнувајќи дека токму поради ваквите услови, производството во Македонија е 30 отсто поевтино во однос на другите земји.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, земјава е мала, но цврсто чекори напред. – Македонија по неколку години станува стабилна земја во која секој инвеститор може да дојде и да ги реализира своите проекти. Веќе една година работиме на нова програма за привлекување инвестиции, а го креиравме и Планот за економски раст кој предвидува еднакви можности за домашните и странските компании, подвлече Бектеши.
Пред присутните, членките на МАТТО, ТАВ, Џевахир Холдинг, Суташ,…, ги претставија своите досегашни инвестиции во Македонија и најавија нови, со милионски суми.
Од 11 компании во слободните економски зони, пет се турски. Според статистиката, од вкупниот број странски инвестиции во Македонија, 1,8 милијарди долари се турски.
Економските новинари од Турција пристигнаа вчера, а ќе престојуваат во Македонија до 8 јули. Целта на посетата, чиј домаќин е МАТТО, е да се информираат за економските услови и потенцијалите кои потоа би ги пренеле во својата земја.