ВМРО-ДПМНЕ: Заев со својата политика го забрза иселувањето

Зоран Заев и неговата влада се катастрофа за младите. Заев од опозиција ветуваше дека ќе врати над 600.000 иселени, сега кога е на власт, не само што не ги врати, туку со своите политики го забрза иселувањето.

Заев причини вистински економски геноцид врз Република Македонија. Економијата повеќе од година дена е на нула. Партијата која ветуваше раст на БДП од 5%, сега не може да оствари раст поголем од нула. Индустријата најслаба во регионот, а градежништвото е во слободен пад од 37%.

Државата тоне во корупција. Криминалот во највисоките структури на власта е најголем проблем со кој се соочува државата. На државните претпријатија се гледа како на средство за доделување тендери на партиски фирми. Додека обичните бизнисмени се потиснати од картелот на власт.

Заев наместо живот, донесе бесперспективност. Додека на домашен план донесе целосен дебакл, на надворешен план ги наруши трајно позициите на државата.

Договорот со Грција не е гордост, туку срам за државата. Заев свесно и своеволно прифати промена на идентитетот и јазикот на сопствениот народ и промена на Уставот на државата, иако претходно тврдеше дека тоа нема да го направи. Заев е синоним за лажење.

Заев е синоним за бесперспективност. Зоран Заев и криминалниот картел кој го води мора да си заминат, за Македонија да тргне напред.