Наместо за буџетот, пратениците ќе гласаат за јавен обвинител (ДПЛ)

Седницата на Собранието на која на дневен ред беше дополнетиот Предлог буџет за 2018 година денеска е преместена за 22 декември. Наместо неа, закажано е продолжение на 22. седница на која треба да биде именуван јавниот обвинител, како и да бидат разгледани реформските закони за правосудството.

Владата на 7 ноември му предложи на Собранието за јавен обвинител на Република Македонија да биде именуван Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.

На огласот што го распиша Владата на 14 септември, за државен јавен обвинител се пријавија 23 кандидати. По пријавувањето на кандидатите, Советот на јавните обвинители, на барање на Владата, и достави образложено мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите. Мислењето на Советот е обврзувачко за Владата, која пак предложените кандидати ги доставува до Собранието.

Шеесет и тригодишниот Јовески во своето досегашно работење постапувал во кривичната област. Повеќе од 15 години работел како судија по кривични предмети, а во еден мандат раководел со Основниот суд Скопје 2, а има и работно искуство од над 12 години како јавен обвинител и седум години во облата на извршување на кривичните санкции.

Јовески во 1979 година станува приправник во Републичкиот Секретаријат за правосудството на Социјалистичка Република Македонија. Од 1987 година бил судија во Општинскиот суд Скопје 2, во 2003 година е избран за заменик јавен обвинител, а од 2015 година е член на Советот на јавните обвинители на РМ.

За именување на јавен обвинител Собранието на РМ одлучува со просто мнозинство од 61 глас. Јавниот обвинител има мандат од шест години со право на повторно именување.

Досега оваа функција ја извршуваше Лилјана Спасевска, откако Марко Зврлевски беше разрешен на 17 август годинава.