Мицотакис: Не можеме да прифатиме македонски јазик и етницитет

Во интервју за влијателниот европски весник, Политико Европа, шефот на грчката Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис, вели дека за Грците Договорот е неприфатлив поради признавањето на македонскиот јазик и етницитет, но дека, доколку помине во Парламент, Нова Демократија ќе го прифати.

Во интервјуто Мицотакис вели дека најголемиот проблем со Договорот од Преспа е што тој признава македонски јазик и етницитет.

– Секогаш сме велеле дека сакаме решение, но дека тоа мора да ги почитува сензибилитетите на двете страни, вели Мицотакис, кој додава признавањето на македонскиот идентитет е искрено неприфатлив за најголемиот дел од Грците.

– Не сакам да ја платам цената на дестабилизација на мојата земја за да ги стабилизирам северните соседи. Не можеме да прифатиме македонски јазик и етницитет, вели шефот на Нова Демократија.

Мицотакис во интервјуто наведува неколку причини за овој тврд став.

– Ако признаете држава Северна Македонија, но јазик, етницитет македонски, што им велите на луѓето кои се Македонци но се Грци? Што ќе се случи со стотиците грчки компании кои го користат терминот „македонски“? Ова е големо прашање за грчките компании, за извезувачите и со тоа не се занимава овој Договор, додава тој.

За крај Мицотакис стравува од регионални немири поради македонското малцинство во Грција, тој смета дека овој Договор е повик за сепаратизам кон одредени сили во тој дел од Грција, пишува Политика Европа.