Пречистителната станица во Гевгелија ќе го подобри локалниот економски развој

Пречистителната станица, која е во завршна фаза, претставува капитална инвестиција во општина Гевгелија, која покрај еколошките бенефити ќе има и големо значење за поттикнување на локалниот економски развој, истакна гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков на денешната средба во Гевгелија со претставници на швајцарската амбасада во Македонија, земја чија Влада е најголем донатор за реализација на проектот со издвоени 9,7 милиони евра.

Поцков нагласи дека со нејзиното ставање во функција ќе се создадат услови за приклучување на граничниот премин „Богородица“, хотел-казината и другите објекти од источната страна на реката Вардар кои проблемот со отпадните води сега го решаваат самостојно и се заложи за натамошно продолжување и унапредување на соработката со секретаријатот за економски прашања при швајцарската Влада.

Своето задоволство од текот на работите го изразија и гостите кои очекуваат брзо финиширање на градежните работи и ставање во функција на пречитителната станица во Гевгелија.

– Во општина Гевгелија имаме многу важен проект кој се надеваме дека ќе профункционира во наредните месеци.Наша основна цел е да ја пуштиме во работа пречистителната станица, а посебно задоволство ќе ни биде кога ќе навратиме по две-три години да ги видиме бенефитите од овој проект. Тоа ќе биде и поттик за продолжување на нашата идна соработка, рече проект менаџерот Франсоа Салам Гуех.

Веднаш по средбата заседаваше и комитетот за следење на градежните работи на кој покрај градоначалникот Поцков,присуствуваа претставници на швајцарската Влада, на канцеларијата за врски на Република Грција во нашата земја и од министертвото за животна средина на Македонија.

Финансиска поддршка за реализација на проектот е обезбедена и од владите на Македонија и Грција.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *