Во рамките на регионалниот проект „Зајакнување на општеството – Техничка помош за јавните медиумски сервиси на Западен Балкан“, финансиран од ЕУ, утре и задутре во Тирана, Албанија, ќе се одржи конференција на тема „Техничка помош за јавниот медиумски сервис на Западен Балкан“.
На конференцијата ќе учествува Лилјана Затуроска, претседателка на Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието на Република Македонија.
Конференцијата ќе ја отворат генералниот директор на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) Ноел Куран и главниот советник од областа на граѓанското општество и медиумите, генерален директор за соседство и преговори за проширување, Европска комисија (ТБЦ), Андрис Кестерис.
Воведен говор и кратка презентација во врска со проектот на конференцијата ќе имаат директорот на проектот Оливер Моне-Кирле, лидерот на тимот Војислав Раонич и заменикот на лидерот на тимот Жељка Лекич-Субасич.
Учесниците на Конференцијата се очекува да ги споделат своите искуства во врска со тоа како да се обезбеди политичка и финансиска независност на јавните медиумски сервиси на Западен Балкан, како да се спроведат реформи во јавните медиумски сервиси, како да се воспостават повисоки професионални стандарди и намалени трошоци за нивната работа и како да се подобри програмата на јавните медиумски сервиси на Западен Балкан, преку соработка и копродукција.