Мендух Тачи се состана со тројцата пратеници на Европскиот парламент

Претседателот на ДПА, Мендух Тачи, денеска во Брисел на заедничка средба се состана со пратениците на Европскиот парламент, Иво Вајгл, известувач за Македонија во ЕП, Едуард Кукан (Група на Европската народна партија) и Кнут Флекенштајн (група на Европската социјалистичка партија), вршител на функцијата заменик-претседател за надворешна политика и човекови права.

На оваа средба беше разговарано за актуелните политички теми во Македонија и регионот, како и за интеграциските процеси на Македонија во НАТО и во ЕУ.

Тачи го пофали како многу позитивен чекор постигнатиот договор за името со Грција, кој го отвора патот за интеграција на земјата во евро-атлантските структури и кој ќе помогне да се консолидира мирот и стабилноста во регионот на Западен Балкан.

Тачи исто така истакна дека евроатлантскиот пат е апсолутен приоритет за Демократската Партија на Албанците и за Албанците во Македонија и ги увери соговорници за максимална посветеност на ДПА и на владата кон процесот на реформи, изразувајќи уверување дека Советот на ЕУ ќе и додели на Македонија датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија.

Оценувајќи го овој период како многу важен за нашата евроатланска интеграција, претседателот на ДПА Тачи на состанокот повика на целосна поддршка од нашите меѓународни пријатели и побара датум за отворање на разговорите за членство на Македонија во ЕУ.