Пред Собранието на Македонија се одржува протест против Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство. Протестот е организиран преку социјални мрежи.
Насобраните граѓани го блокираа булеварот „11 Октомври“ пред собраниската зграда, пред која е поставен полициски кордон.
Дел од учесниците во протестите фрлаат камења и факли кон полицискиот кордон.
Тие укажуваат дека граѓаните се тие кои одлучуваат за својата и иднинатата на државата.
Учесниците во протестот извикуваат пароли „Македонија, не го даваме името“ и пејат патриотски песни.
Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас денеска во Псарадес ги ставија своите потписи на договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и стратегиско партнерство, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас.
На церемонијата присуствуваа високи претставници на ЕУ, на ОН и бројни новинари. Двајцата премиери меѓусебно се нарекоа пријатели, оценувајќи го потпишувањето на договорот како историски ден.