Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска имаше средба со генералниот директор за Меѓународна развојна соработка во рамките на Министертвото за надворешни работи на Кралството Шведска, Јоханес Олјелунд.
Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), на средбата беа отворени темите за билатералната соработка помеѓу двете земји, напредокот на Република Македонија во евроинтегративниот процес, како и за поддршката на Кралството Шведска за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан.
– Шведска претставува еден од поважните контрибутори во изградбата на современа, мултиетничка демократија во Република Македонија, од сите аспекти, истакна Османи.
Посочи на силната политичка поддршка од Шведска во окончување на долгата и политичка криза, како и значењето на развојната компонента од билатералната соработка, која правилно таргетирана и најмногу насочена кон изградбата и засилувањето на демократските институции во земјата.
– Исклучително ни значи фактот што Република Македонија е повторно помеѓу приоритетните партнер – држави на шведската развојна агенда, со што покрај директните бенефити од развојната помош, Шведска јасно покажа дека е пријател на Република Македонија, како во развојна, така и во политичка смисла, истакна Османи.
За време на средбата вицепремиерот Османи ја потврди посветеноста на Владата во задржувањето на реформската агенда на врвот на листата приоритети и по добивањето на препораката од страна на Европската Комисија. Во таа насока, Османи му претстави на Олјелунд делови од новиот План 18 и додаде дека истиот претставува логично продолжение на Планот 3-6-9 и кој се очекува да обезбеди соодветна реформска агенда во периодот од добивањето на препораката, па се до фактичкиот почеток на преговори.
– Изминатиов период направивме огромен исчекор, спроведовме суштински реформи, но и затворивме многу тешки и комплексни политички прашања, со што покажавме политичка сериозност од европски карактер. Ни претстои клучен период, историска шанса за да направиме значаен исчекор во нашите евроатлантски интеграции и сега ни е потребна сета поддршка од нашите меѓународни пријатели, заклучи Османи.