Министерката за одбрана Радмила Шекеринска од денеска престојува во неколкудневна работна посета на Обединетото Кралство каде што ќе има средби со британскиот секретар за одбрана Гавин Вилијамсон и со сер Алан Данкан, министер за Европа и Америка.
Како што соопштија од Министерството за одбрана на РМ, Шекеринска ќе има обраќање во Европскиот совет за надворешни работи на тема „Македонија и НАТО“.
Таа ќе ги посети и највисоките воено-образовни институции во Велика Британија – Академијата за одбрана и Кралската воена академија „Сендхрст“, каде еден од дипломците е македонскиот кадет-дипломец Милош Трендевски кој ја завршува Академијата со највисоки резултати. Во петок Шекеринска ќе присуствува и на церемонијалната парада во чест на дипломирањето на кадетите на академијата „Сендхрст“.
Во рамки на посетата министерката Шекеринска ќе го посети и Кралскиот колеџ за одбранбени студии, и ќе даде интервјуа за Би Би Си и Гардијан.