„Воинот на коњ“ ќе се преименува во Александар Македонски со напомена дека е дел од хеленскиот антички период

Спомениците изградени во рамки на проектот „Скопје 2014“, кои ја отсликуваат хеленската култура како историско и цивилизациско наследство на светот ќе го добијат тој епитет, информираше денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.

– „Воинот на коњ“ ќе го преименуваме во тоа што вистински е – Александар Македонски и ќе дадеме објаснување во рамки на споменикот за што станува збор односно „Александар Македонски како дел од хеленскиот антички период и како светско културно наследство“, истакна Бошњаковски.

Според него, овој споменик нема да се урива туку тој ќе остане како симбол на пријателство помеѓу Република Македонија и Република Грција.

– Истото ќе се случи и со споменикот на Филип Втори и споменикот на Олимпија. Сите евентуални решенија за спомениците кои се од светското цивилизациско наследство ќе бидат во насока на потврдување на пријателството помеѓу Македонија и Грција. Едно е сигрно ние нема да се срамиме спомениците да ги нарекуваме така како што се, рече Бошњаковски.

Посочувањето на хеленската култура, како историско и цивилизациско наследство на светот, на споменици од „Скопје 2014“ е предвидено со договорот што го постигнаа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за спорот со името.