Хронологија на денешното објавување на договореното со Грција

– Грчкиот премиер Алексис Ципрас објави дека Атина и Скопје постигнале историски договор за решавање на дводеценискиот спор околу името.

– Стигнавме до договор со премиерот на Поранешната Југословенска Република Македонија, му рече грчкиот премиер Алексис Ципрас на претседателот Прокопис Павлопулос на почетокот на нивната средба во претседателската палата за да го извести за постигнатиот договор.

18:30

Македонскиот премиер Зоран Заев соопшти на пресконференција дека – Република Северна Македонија за севкупна употреба, што ќе се прецизира со амандман во Уставот е договорот што го постигнале Македонија и Грција во процесот на преговорите за решавање на спорот за името.

Договорот предвидува потврда на македонскиот јазик во ОН – македонски, Мацедониан, без фуснота. Националноста е македонска/граѓани на Република Северна Македонија и соодветно на англиски јазик.

– Со договорот еднаш засекогаш се потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, македонскиот јазик, македонската националност. Со него се гарантира и безбедноста на земјата и се овозможува сигурна иднина на граѓаните на државата, нагласи Заев.

– Ја разделивме хеленистичка од наша Македонија, рече Заев.

Договорот ќе биде разгледан на владина седница в четврток. Документот ќе биде валиден, откако ќе биде ратификуван од двата парламента, македонскиот и грчкиот, по референдумот во земјата и уставните измени. Во викендот или следните денови треба да биде организирана средба меѓу Заев и Ципрас најверојатно во Мала Преспа.

19:30

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека „историскиот договор” од денеска е „доказ за долгогодишната трпелива дипломатија” и ги повика премиерите на двете земји да го финализираат договорот.

Столтенберг рече: – Ова ќе го стави Скопје на патот кон членството во НАТО и ќе помогне да се консолидира мирот и стабилноста низ Западен Балкан.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, упати свои „искрени честитки” до грчкиот премиер Алексис Ципрас и до македонскиот премиер Зоран Заев. Туск наведе: – Благодарение на вас невозможното стана возможно.

Шефот за надворешни работи на Европската унија, Федерика Могерини и Јоханес Хан, комесар за проширување на ЕУ, рекоа дека се надеваат на преговори за членство, кои започнуваат со Скопје во јуни. Могерини најави дека ќе допатува во регионот за потпишување на договорот.

19:50

Посредникот на Обединетите нации во разговорите за името меѓу Македонија и Грција Метју Нимиц го поздрави заедничко прифатеното решение што го постигнаа премиерите на двете земји Зоран Заев и Алексис Ципрас.

– Не се сомневам дека договорот ќе доведе до зајакнување на односите мегу двете соседни земји, а особено меѓу нивните грагани. Во тој контекст охрабрен сум од решеноста на двете влади да придонесат за добробит на нивните грагани преку воспоставување стратешко партнерство како основа за интензивна соработка во сите области, нагласи Нимиц во пишаната изјава.

20:00

– Министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас го поздрави договорот за за надминување на спорот за името меѓу Македонија и Грција.

– Скопје и Атина денеска испишаа историја. Тоа исто така покажува што може да се постигне ако меѓународно се однесуваме со трпение, разум и почит едни кон други. Вредеше што никогаш не се откажавме од надежта, што бевме во постојана блиска размена и што двете страни и во тешки фази секогаш одново наоѓаа компромиси, вели во пишаната изјава шефот на германската дипломатија.

– Шефот на Социјалдемократската група во Европарламентот, Удо Булман порача дека лидерите на Европската Унија тна Самитот на ЕУ закажан на 28 и 29 јуни треба да дадат зелено светло за почеток на преговори со Македонија.

20:15

Грчкиот премиер Алексис Ципрас во 10-минутно обраќање до јавноста нагласи дека е постигнат договор со Скопје за решавање на долгогодишниот спор во однос на името на соседот.

– Договорот прави јасна разлика меѓу „грчката Македонија и северниот сосед“.

– Договорот ги признава соодветните резолуции на ОН од 1977 за регистрирање на јазикот на нашите соседи како македонски јазик, со додавка, но и јасна формулација дека тој јазик припаѓа на групата јужнословенски јазици, целосно го разграничува од грчко-македонското јазично наследство и античката грчка цивилизација. Договорот исто така предвидува дека државјанството што ќе биде наведено во патните документи на нашите соседи нема да биде само Македонец како и досега, туку: Македонец / граѓанин на Северна Македонија. Грција ќе го признае државјанството на соседните граѓани како „граѓани на Северна Македонија”, објасни грчкиот премиер.

Ципрас објасни дека со Заев се договориле и за временскиот рок, потпишувањето, имплементацијата и стапувањето во сила на договорот. Штом ќе биде потпишан, ќе треба да се ратификува во македонското Собрание, потоа Грција ќе ја поддржи одлуката за почеток на пристапни преговори со ЕУ и испраќање порака за интеграција во НАТО, а сето ова ќе биде условено со уставна промена, односно се додека не се заведе ерга омнес име. На крај ќе биде и ратификацијата во грчкиот Парламент, откако Македонија ќе ги исполни сите обврски.

– Со договорот се отвора прозорец кон иднината, прозорец на солидарност, пријателство, соработка, просперитет и развој меѓу двата народа.