Арнаудовска: Советот за реформи во правосудството работи нетранспарентно

Советот за реформи во правосудството работи многу нетранспарентно. Во Нацрт стратегијата за реформи во судството како Академија воопшто не бевме вклучени и покрај пораките дека новата Влада ќе биде транспарентна, изјави денеска директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска.

Во изјавата за медиумите што ја даде пред почетокот на Меѓународната работилница за стандардите на ЕУ за обука на судии и обвинители посочи дека во Нацрт стратегијата беше предвидено дека одреден процент од судиите ќе бидат избрани со незавршена Академија што, како што рече, не беше прифатено во извештајот на Прибе од 14 септември годинава новата Стратегија е донесена.

– Иако во Нацртот на стратегијата се почна со еден многу дискредитирачки вокабулар за Академијата дека произведува неспособни кадри, дека има незадоволителни резултат во работењето… Но по нашите забелешки до Европската комисија овој вокабулар беше отстранет, рече Арнаудовска.

Според неа, останува сомнението што ќе биде со изборот на судиите и дали ќе остане процентот што беше заговаран во Стратегијата за реформи, бидејќи, како што рече Арнаудовска, минатата недела на состанок на Академиите во Брисел претставник од Министерство за правда изјавил дека се подготвуваат измени во Законот за судови и оти процентот за избор на академци и луѓе надвор од Академијата ќе биде 60 наспрема 40.

– Таа изјава предизвика голема вознемиреност кај 37-те кандидати во Академијата. Тие се прашуваат од која причина полагаат тешки приемни испити, учат две години, а некој без никаква обука ќе може да се протне во судството, истакна директорката на Академијата.

Арнаудовска изрази незадоволство бидејќи и покрај тоа што се подготвува измена на Законот за Академијата таа не е вклучена, ниту консултирана, како и никој од органите на оваа институција.

– Советот за реформи тргна со многу фронтален напад. Тоа не беше прифатено од Европската комисија, бидејќи ние 12 години работиме со ЕК токму тој процес – избор на судии преку Академијата да се заврши, бидејќи знаеме колку проблеми имавме во минатиот период со неизборот на академците. Успеавме и последниот академец да се избере и сега одеднаш без никаква анализа или компаративни истражувања се поднесуваат овие предлози, истакна таа.

На новинарско прашање во врска со фалсификувани документи за познавање на странски јазици од страна на кандидати за македонски обвинители конкурирале на Академијата за судии и јавни, Арнаудовска рече Управниот одбор на Академијата донел одлука, која за два-три дена ќе биде објавена на веб страната на Академијата.

– Знаеме дека и по неколкуте ургенции во Јавното обвинителство добиваме известување дека постапката е во тек на меѓународна правна помош, додаде таа.