Премиерот Зоран Заев изјави дека очекува во денешниот телефонски разговор со неговиот грчки колега Алексис Ципрас да бидат заокружени сите апекти и да биде постигнат договор за долгогодишниот спор за името.
– Вчера имавме навистина квалитетно унапредување на разговорите. Се надевам дека денеска ќе можеме нешто убаво да и соопштиме на јавноста. Реков дека сум оптимист и оти е возможно да се постигне договор, но денеска имаме уште еден суштествен разговор, за мене многу важен. Се надевам дека ќе ги заокружиме сите аспекти за да го исполниме очекувањето на двете страни, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на Бизнис форумот-инвестициски проекти и можности во секторите транспорт, енергетика и животна средина во Република Македонија.
Заев посочи дека двајцата премиери, двајцата министри за надворешни работи, двете Влади и огромно мнозинство на граѓани на двете земји се заинтересирани за конечно решавање на овој долгогодишен проблем.
– Ако денеска се случи, дај Боже договор, ние веднаш тоа ќе го соопштиме со сите детали, а верувам ако има договор тогаш би требало да правиме агенди. За Преспа знаеме заради тоа што беше желба уште многу одамна дури во преговарачкиот процес да се направи една средба. Но, во секој случај јас би почекал, да одиме чекор по чекор, да видиме прво дали ќе има договор, а ако има договор веднаш ќе ги договориме и агендите, агендите на сооопштување и инфомрирање дома на сите политички чинители на граѓаните, но и делот на евентуалното потпишување, рече Заев, прашан за пишувањат во грчките медиуми дека евентуалниот договор може да биде потпишан претстојниот викенд во Преспа.
Во врска со имињата што се спомнуваат во јавноста како можно решени, Заев рече дека јавноста ќе биде запознаена со сите детали веднаш штом биде псотигнат договор.
– Северна, Горна, Нова, Вардарска, многу имиња беа во опција, ги знаете и предлозите на Нимиц, јас би почекал до самиот крај да соопштам заради тоа што навистина се уште немаме договор. Јас се надевам дека можеби ќе имаме или многу брзо ќе имаме. Но, штом ќе го имаме, веднаш ќе ги соопштиме сите детали од договорот, изјави премиерот Зоран Заев.