Флекенштајн ја повика ЕУ да започне преговори со Македонија

Европратеникот Кнут Флекенштајн ги повика лидерите на ЕУ да отворат преговори со Македонија и Албанија на јунскиот Самит.

– Мора да биде јасно дека треба да делуваме во Македонија, има нов ветер таму, договорот со Бугарија го илустрира тоа, мораме да го поддржиме она што го направија Ципрас и Заев, а направија суштински напори да го решат спорот за името, изјави Флекенштајн денеска на пленарната седница на Европскиот парламент.

– Имаме напредок и во Албанија, владеењето на правото е можеби подобро и од некои ЕУ држави. Треба да почнеме преговори со овие земји, рече Флекенштајн.

Тој повика и на отворање нови преговарачки поглавја со Црна Гора и Србија, и напредок во либерализацијата на визниот режим со Косово доколку се исполнети условите.

– ЕУ треба да се реформира, знаеме, но работите можат да одат паралелно, преговорите не значат дека сте член на ЕУ, порача Флекенштајн.

Тој ја повика ЕУ да биде попристуна на Балканот и дека Самит со Западниот Балкан еднаш на петнаесет години не е доволно.