Анѓушев: Предвидениот раст на БДП од 3,2 отсто може да се реализира

Вицепремиерот Кочо Анѓушев и покрај растот од 0,1 отсто во првиот квартал е оптимист дека до крајот на годинава може да се реализира предвидениот раст на БДП од 3,2 отсто.

– Апсолутно сум сигурен дека постигнување на раст од 3,2 отсто е возможен до крајот на годината и покрај лошиот резултат од првиот квартал. Сакам да истакнам дека во првиот квартал имаме раст во сите сегменти  на економското живеење освен во нискоградбата. Во земјоделството имаме раст од 6,5 проценти во индустријата раст од 5,5 проценти, во трговијата на голема и таму кај високоградбата има раст од два отсто,а во нискоградбата пад од 40 проценти, рече Анѓушев одговарајќи на прашање на Форумот за електормобилност на Машинскиот факултет.

Тој нагласи дека падот од 40 проценти во нискоградбата се должи на застојот на изградбата на автопатиштата Охрид-Кичево и Миладиновци-Штип.

– Како Влада бевме исправени пред решението што требаше да го донесеме, а тоа е дали да продолжиме да спроведуваме проекти кои се штетни за граѓаните од финансиски аспект и се технички до крај неизработени и неиздржани и со тоа да генерираме трошоци што на крај ќе ги платат граѓаните, а притоа само да прикажеме некои бројки дека се гради или да застанеме да ги решиме проблемите, а потоа да ги завршиме проектите, појасни Анѓушев.

Посочи дека овие проекти секако ќе бидат завршени, но како што кажа, не како досега кога дополнителните работи беа со 56 процентна разлика во цена од она што го плаќа ЈП за државни патишта на главниот изведувач и она што главниот изведувач им го плаќа на македонските компании подизведувачи.

– Таквата цена е нелогична и мислам дека со ваквиот потег ќе заштедиме многу пари. Само досега нд 100 милиони евра се отидени како разлики во цени кои се неразумни и нелогични, потенцира Анѓушев и додаде дека во делот на градежништвото работите се движеле во погрешен правец, а сега се успеало тоа да се стопира и во следниот период градежните активности ќе бидат многу зголемени, сегмент кој имаше навистина имаше негативен предзнак, а другите сегменти имаат одлични резултати.