Чешка донација од милион евра за македонската полиција

Министерството за внатрешни работи денеска доби нова донација во висина од еден милион евра од Чешката Република за зголемување на капацитетите на македонската полиција, односно за набавка на техничка опрема за справување со последиците од мигрантската криза.

Договорот за донација денеска во Скопје го потпишаа министерот Оливер Спасовски и чешкиот амбасадорот во Македонија, Мирослав Томан.

Министерот Спасовски по потпишувањето, рече дека ова е трета донација од чешкото МВР и Владата на Чешката Република од почетокот на мигрантската криза, што вкупно со денешната е во висина од околу три милиони евра.

– Како резултат на соработката во овој проект започнат 2016 година чешкото МВР до почетокот на август 2018 година ќе упати вкупно 734 чешки полициски службеници на теритирија на Република Македонија распоредени во деветнаесет контигенти, што заедно со нашите полициски службеници вршат надзор и контрола на нашата јужна граница, рече Спасовски.

Посочи дека Чешката Република во изминатите години била и е еден од најзначајните поддржувачи на Македонија на патот кон полноправно членство во ЕУ и НАТО.

Чешкиот амбасадор Томан, по потпишувањето изрази уверување дека соработката ќе продолжи, особено во полето на размена на искуства меѓу колегите од двете минситерства.

– Силно веруваме дека овие донации помагаат и претставуваат голема поддршка и помош во зајакнувањето на капацитетите на македонската полиција во справување со кризата, рече Томан.

На новинарско прашање дали Македонија е подготвена за нов бегалски бран, министерот Спасовски, рече дека многу е важно преку стратешки пристап на ЕУ и земјите членки и земјите од регионот да има координиран пристап и да се помогне во намалување на сите негативни ефекти.

– Ние сме подготвени да продолжиме, ако дојде до зголемување на миграцискиот бран, на соодветен начин во кој Македонија ќе биде земја на транзит. Многу е важно да останат мигрантите таму каде што се сега и да се преземаат соодветни мерки за да нема движења, кои што ќе придонесат за зголемување на миграцискиот бран и за нарушување на безбедноста во одредени региони. Останува посветени на ова прашање, рече Спасовски.

Посочи дека веќе е усогласен и пред потпишување договорот со ФРОНТЕКС, кој ќе овозможи заштита на македонската граница.